По сите надмени ликови и ептен јавни забивања нож в грб во трката за нов британски премиер, победничка е ненаметливата работна машина која за време на целата кампања привлече најмалку внимание.
Министерката за внатрешни работи Тереза Меј (59), не е многу меѓународно позната, но отслужи 6 години на една од најтешките функции во Британија, играше важна улога во создавањето на политиките против тероризмот, а сега ќе ги преземе деликатните преговори за излез на Британија од ЕУ.
Тереза Меј денеска ќе стане 76-от британски премиер, и втората жена во историјата на земјата на оваа функција, по Маргарет Тачер.Таа се покажа челичен кандидат и успеа да се избори да го наследи Дејвид Камерон на чело на Конзервативната партија и на чело на владата во Даунинг стрит број 10.
За време на кампањата за референдумот за излез од ЕУ, Меј се држеше настрана и млако го поддржа останувањето во ЕУ со само еден говор. Сега тоа се смета како разумен потег, за да не ја загуби поддршката од конзервативците кои беа за излез од ЕУ. Таа и завчера, кога стана лидерка на конзервативците, повтори дека „брегзит значи брегзит, и ние ќе го извадиме најдоброто за нас“.
СПОКОЈНА И СТАМЕНА КОГА Е ПОД ПРИТИСОК
Триумфот на Меј не е изненадување за колегите кои велат дека таа е спокојна и стамена кога е под притисок. Таа доби на сигурност и став при јавни настапи, и емитува авторитетност пред камерите кои некогаш ја правеа нервозна. Не е кочоперка, не привлекува внимание, и се чинеше задоволна со својата улога како поддржувач на Камерон. Секако, има и критичари – како сопартиецот Кенет Кларк кој минатата недела ја нарече „ептен тешка жена“ незнаејќи дека го снимаат. Други, пак, ја фалат поради нејзиниот отворен пристап.
Меј одамна е свесна дека Конзервативната партија е обременета со елитистички имиџ и без контакт со реалноста. Во 2002 таа предупреди дека конзервативците станале познати како „злобна партија“ и дека мора да се променат. Во кусата, успешна кампања за партиски лидер, таа зазеде попопулистички став, често во спротивност со нејзиниот имиџ на „закон и ред’“. Таа ја истакна потребата за еднакви можности и фер однос во Британија.
„Сега, ако си роден сиромашен, ќе умреш во просек 9 години порано од другите, ако си црн, кривичниот систем те третира построго отколку ако си бел, ако си бело момче од работничка класа, најмали ти се шансите да се запишеш на факултет, ако учиш во државно школо, помали ти се шансите да влезеш во врвните професии отколку ако учиш во приватно, ако си жена, се уште заработуваш помалку од мажите“, рече Меј.
КОНЗЕРВАТИВНИ ТЕНКОВИ НА ЛАБУРИСТИЧКИ ТРЕВНИК
Потпретседателот на конзервативците Роберт Халфон рече дека Меј поставила визија со која партиските тенкови ги ставила на лабуристички тревник.
„Ова беше говор за вистинска работничка партија: радикални предлози кои им даваат вистински права на луѓето. Тоа е напад врз непотистичкиот капитализам. Стави месо врз коските на сомилосниот конзервативизам. Со оглед дека милиони работни луѓе веќе не гласаат за лабуристичката партија, таа им покажа дека Конзервативната партија е спремна да зборува во нивно име“, рече Халфон.
Како министерка за внатрешни работи Меј беше фалена за компетентната работа, но и критикувана за нејзиниот изразит отпор против имиграцијата, која, сепак, во нејзиниот мандат стана највисока во историјата на Британија. Таа се залага за полесно депортирање на екстремистите, а во исто време ги ограничи овластувањата на полицијата „за запирање и претрес“ поради тоа што не е фер за мажите од малцинствата, а ја критикуваше и пожарната служба и полицијата дека нема етничка разновидност. Сепак, таа се бореше да се донесе законот според кој секој имигрант кој заработува под 39.000 фунти годишно ќе биде депортиран, што е оценето како потег од кој британската економија ќе загуби 200 милиони фунти годишно.
Таа даде гласна поддршка за легализирање на геј браковите, но гласаше против можноста геј двојките да усвојуваат деца.
ЧЕВЛИТЕ НЕ МЕ ДЕФИНИРААТ НИ КАКО ЖЕНА, НИ КАКО ПОЛИТИЧАРКА
Позната по цврстиот став дека „приватниот живот треба да остане приватен“, за Меј велат дека е жена што „нема дива страна“ – единствената фасцинација на медиумите е нејзината импресивна колекција чевли.
„Општопознато е дека сакам чевли. Тоа не е нешто што ме дефинира ниту како жена ниту како политичарка, но почна да ме дефинира во очите на весниците. Пред неколку години, носев чевли на штикли со леопардов принт на конференцијата на Конзервативната партија, и оттогаш весниците постојано се фокусираат на моите чевли. Се навикнав на тој фокус на моите алишта и чевли“, вели Меј, а забележано е дека ја кажала и оваа анегдота:
„Еднаш во Парламентот видов млада девојка со убави чевли. И реков дека ми се допаѓаат, а таа ми рече дека моите чевли биле причина што почнала да се занимава со политика“.
РЕТКО ЈА ОТВАРА ДУШАТА
Таа е ќерка на свештеник од Англиканската црква, кој и забранувал да се занимава со политика кога била млада. Но таа сепак влегла во Конзервативната партија и прво станала советник во градската власт на Лондон, а во 1997 и пратеничка во Парламентот.
Меј завршила основно и средно во државно школо, а студирала географија на Оксфорд. Таму го запознала сопругот Филип, кој сега е банкар, нив ги запознала Беназир Буто, која подоцна стана премиерка на Пакистан и беше убиена во атентат. Со Филип се запознале во диското на студентската Конзервативна асоцијација – во екот на диско ерата – и најмногу ги поврзала љубовта кон крикетот. Се омажила за него во 1980 и немаат деца, факт што кусо стана тема откако ривалската кампања за конзервативен лидер изминатава недела сугерираше дека човек кој има деца е поквалификуван да биде премиер.
Меј е позната како воздржана личност која ретко јавно отвора душа. Таа многу ретко зборува дека татко и загина во сообраќајка една година по нејзината свадба, а мајка и почина година подоцна од мултипла склероза. Само еднаш изјавила дека и е жал што, од здравствени причини, не може да има деца:„Така се случи. Цело време ги гледаш другите семејства и знаеш дека има нешто што ти го немаш“, рече Меј.
ДА СЕ ПРАВИ, А НЕ ДА СЕ ЗБОРУВА
Меј ја сметаат за прагматична, неидеологизирана политичарка и ја споредуваат со Ангела Меркел. Единствено што ја интересира е да се заврши работата.
„Целата моја филозофија е да се прави, а не да се зборува. Секогаш ги сакав жените во политиката. Ние едноставно се внесуваме, политиката не е игра, одлуките што ги носиме засегаат човечки животи. Секогаш го имам истиот пристап: имаме работа, ајде да ја завршиме“, вели Меј која смета дека Твитер е губење време.
Кога не работи до сабајле, Меј сака да ужива во пешачење низ Швајцарија и да готви паста без мастраф. Има речено дека повеќе и се допаѓа спонтаниот стил на готвење на Џејми Оливер отколку построгиот на Делија Смит. Таа е и членка на Англиканската црква и секоја недела оди на миса. Во 2012 таа беше дијагностицирана со дијабет од Типот 1 и неколкупати дневно прима инсулински инјекции.
Истакнувајќи го нејзиното искуство во врвот на Владата, нејзината кампања за премиерка беше лансирана со слоганот: „Тереза Меј е спремна да биде премиерка уште од првиот ден“. Тој ден е денес, кога се очекува Меј да ја посети кралицата Елизабета Втора, пред да ја преземе тешката нова улога.