НЕМА ОПЕРАЦИИ И ПРЕГЛЕДИ НА КЛИНИКИТЕ ЗА ВРЕМЕ НА ПОСЕТАТА НА ПАПАТА, ИТНИТЕ СЛУЧАИ ВО „8 СЕПТЕМВРИ“ И СТАРА ГРАДСКА БОЛНИЦА

    НЕМА ОПЕРАЦИИ И ПРЕГЛЕДИ НА КЛИНИКИТЕ ЗА ВРЕМЕ НА ПОСЕТАТА НА ПАПАТА, ИТНИТЕ СЛУЧАИ ВО „8 СЕПТЕМВРИ“ И СТАРА ГРАДСКА БОЛНИЦАИтната медицинска помош во вторник итните пациенти ќе ги носи во градската општа болница „8 Септември“ и во хируршката клиника „Св.Наум Охридски“, а кон скопските клиники ќе се препраќаат само оние случаи со кои нема да може да се справат (Фото: СДК.МК)

    Клиниките во Клиничкиот центар во Скопје  добиле известување од Министерство за здравство за време на посетата на папата Фрањо на 7 мај да ги презакажат за друг ден сите прегледи и интервенции, за да се ослободи пристапот до Ургентниот центар бидејќи така налагаат меѓународните безбедносни протоколи за посети од ваков висок ранг, велат од Министерството.

    „Според овие протоколи, пристапот до Ургентниот центар на Скопските клиники треба да биде беспрекорен, затоа ги известивме сите клиники со допис да ги информираат пациентите дека термините за прегледи и интервенции се одложуваат за наредниот ден“, велат од Министерство за здравство.

    Од Министерството велат дека пациентите нема да бидат запоставени, односно дека сите што тој ден ќе имаат потреба од здравствена услуга ќе се упатуваат кон другите општи и клинички болници во Скопје и низ државата.

    „Известени се сите јавни здравствени установи дека тој ден возилата на Итна медицинска помош пациентите треба да ги носат во другите општи или клинички болнци. Во Скопје конкретно, доколку има потреба од хируршка интервенција да се носат во Клиниката за хируршки болести ‘Св. Наум Охридски’, а оние што се за интернистички прегледи во Градската општа болница ‘8 Септември’. Само во случаи ако не може да се справат со одреден итен случа,ј да го препратат на скопските клиники. Овие здравствени установи ќе бидат во полна мобилност тој ден да одговорат на потребите на граѓаните“, велат од Министерство за здравство.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира