Американската амбасада им честиташе на граѓаните на Северна Македонија кои го искористија правото да гласаат на претседателските избори и му честиташе на Стево Пендаровски на победата и оттаму велат дека со нетрпение очекуваат да соработуваат со него, владата и сите политички партии на патот на Северна Македонија кон иднина во НАТО и ЕУ.
„Ги поздравуваме првичните заклучоци на ОБСЕ/ОДИХР дека изборите беа добро организирани и дека почитувањето на фундаменталните слободи придонесе за демократски процес. Овие наоди се во согласност со оние на тимовите на Амбасадата на САД, кои ги надгледуваа и првиот и вториот круг од изборите. Ако има сомневања за нерегуларности, ги охрабруваме граѓаните, граѓанското општество и медиумите, без оглед на политичката наклонетост, да ги пријават кај надлежните“, се вели во соопштението на Амбасадата на САД.