ПАПАТА СО УНИКАТНА МИСНИЦА ВО БОИТЕ НА МАКЕДОНСКОТО ЗНАМЕ

    ПАПАТА СО УНИКАТНА МИСНИЦА ВО БОИТЕ НА МАКЕДОНСКОТО ЗНАМЕШиритот и златниот извез, т.е. црвената и жолтата боја ги означуваат македонските национални бои. (Фото: ПУЛ)

    Папата Фрањо носеше уникатна литургиска облека за време на светата литургија на плоштадот Македонија во Скопје. Мисницата е подарок од младиот брачен пар Драган Георгиевски и Марија Георгиевска-Ристовска кои денес ќе сведочат пред папата на екуменската и меѓурелигиска средба со младите.

    Материјалот за мисницата е направен од сто проценти волна во бела боја испреплетена со златни нитки. Ширитот кој се наоѓа напред и одзади е во црвена боја проткаена со златни нитки.

    Монограмот ИХС, ѕвездата и нардовиот цвет се преземени од папскиот грб, а тие се повторуваат како на мисницата така и на митрата и штолата (Фото: ПУЛ )

     

    „Ширитот и златниот извез, т.е. црвената и жолтата боја ги означуваат националните бои на Северна Македонија. На врвот на ширитот се наоѓа знакот на Дружбата Исусова која е претставена со огнено сонце на кое со црвена боја е испишан монограмот ИХС. Над буквата Х се издигнува крст, а под монограмот се наоѓаат три клинци во црна боја. Од него излегуваат пет златни црти кои ги означуваат петте Исусови рани, Исусовата апсолутна жртва на крстот. На тие црти се распоредени цветови од нард кои го симболизираат св. Јосиф, заштитникот на сеопштата црква. Извезот завршува на дното со ѕвезда која ја симболизира Пресвета Дева Марија, Мајката Христова и Мајката на Црквата“, стои на официјалната страница за посетата на папата на Фејсбук.

    Одзади се повторува истата симболика, само наместо знакот на Дружбата Исусова има монограм, иницијалите на Исус Христос со алфа и омега. Монограмот ИХС, ѕвездата и нардовиот цвет се преземени од папскиот грб, а тие се повторуваат како на мисницата така и на митрата и штолата.

    Екипа на СДК.МК

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира