ДИМИТАР ГРБЕВСКИ И ЕЛЕНА ДОНЧЕВА НАГРАДЕНИ СО „ЗЛАТЕН ОБЈЕКТИВ“ ЗА ПЕТ ДЕЦЕНИИ КРЕАТИВЕН ПРИДОНЕС КОН ФИЛМОТ

    ДИМИТАР ГРБЕВСКИ И ЕЛЕНА ДОНЧЕВА НАГРАДЕНИ СО „ЗЛАТЕН ОБЈЕКТИВ“ ЗА ПЕТ ДЕЦЕНИИ КРЕАТИВЕН ПРИДОНЕС КОН ФИЛМОТДимитар Грбевски како монтажер или асистент работел на повеќе од 30 филмови и ТВ-серии (Фото: СДК.МК)

    Монтажерот Димитар Грбевски и костимографката Елена Дончева се годинашните добитници на наградата „Златен објектив“, што Кинотека на Северна Македонија ја доделува за исклучителен придонес во македонската кинематографија.

    Оваа година, наградата им припадна на двајца креативци кои имаат соработувано со режисери од разни генерации, почнувајќи од 1960-ите, но и кои имале широк спектар на делување. И Грбевски и Дончева почнале во Телевизија Скопје, по што тој продолжил во „Вардар филм“, а таа во Македонскиот народен театар,

    „Ова е награда за сите филмаџии. Сите заедно го правевме филмот и затоа им благодарам на сите колеги, но и на Кинотеката, која го чува и меморира филмот“, изјави Грбевски.

    Тој како монтажер или асистент работел на повеќе од 30 филмови и ТВ-серии, вклучувајќи го и првиот македонски анимиран филм, но неговиот придонес е значаен и како професор на Факултетот за драмски уметности.

    Грбевски и Дончева заедно учествувале во два проекти: „Јазол“ на Кирил Ценевски и „Соба со пијано“ од Игор Иванов-Изи.

    Дончева, која работела на повеќе од 400 оперски и балетски претстави, филмови, серии и емисии, не можеше да дојде по својата награда, па за неа зборуваше режисерот Антонио Митриќески.

    „Станува збор за голем љубител на уметноста и естет. Таа во работата внимава на секој детаљ, импровизира, но во исто време се подготвува многу добро. Една образована, искусна и посветена жена во костимографијата“, кажа Митриќески.

    Меѓу претходните добитници на оваа награда се Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Дарко Марковиќ, Драган Салковски…

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира