На Меѓународниот ден против хомофобијата и трансфобијата 17 мај, за првпат од постоењето на Собранието, се организира настан на кој пратениците кои ги поддржуваа овие обесправени граѓани во општеството, добија награда од нив.
Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата ѝ додели награда за поддржувач на годината на Интерпартиска парламентарна група за поддршка на правата на ЛГБТИ лицата.
Девет пратеници од оваа група учествуваа во кампањата „Не суди кој кого љуби“.
Пратеничката Маја Морачанин кажа дека оваа група поднела амандман на Законот за аудиовизуелни услуги со кој се бара забрана во медиумите за говор на омраза и ксенофобија кон луѓето со поинаква сексуална ориентација за онаа што се смета за традиционална во Република Северна Македонија.
„Пробивањето на мразот оди многу тешко, ама ако придобиеме повеќе колеги пратеници, нашата работа ќе оди многу полесно. За првпат во Законот за дискриминација се вметнати родовиот идентитет и сексуалната ориентација“, рече пратеничката Јагода Шахпаска.
Од само 6, денеска оваа интерпартиска собраниска група пораснала на 15 пратеници. Меѓу нив, нема ниту еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, само Нола Исмајловска од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ е член.
С. К. ДЕЛЕВСКА