УПРАВНИОТ СУД ПРЕСУДИ ВО КОРИСТ НА ВЛАДАТА ЗА РУДНИКОТ „КАЗАНДОЛ“, РАСКИНУВАЊЕТО НА ДОГОВОРОТ СО КОНЦЕСИОНЕРОТ „САРДИЧ“ БИЛО ЗАКОНСКИ

    УПРАВНИОТ СУД ПРЕСУДИ ВО КОРИСТ НА ВЛАДАТА ЗА РУДНИКОТ „КАЗАНДОЛ“, РАСКИНУВАЊЕТО НА ДОГОВОРОТ СО КОНЦЕСИОНЕРОТ „САРДИЧ“ БИЛО ЗАКОНСКИВо пресудата на Управниот суд се вели дека концесионерот не ги исполнил обврските од договорот со Владата. - Од протест против изградбата на рудникот „Казандол“ во Валандово во декември 2017 (Фото: СДК.МК)

    Управниот суд ја одби тужбата на компанијата „Сардич“ против одлуката на Владата еднострано да го раскине договорот за концесија на рудникот „Казандол“ близу Валандово, соопшти Владата. Управниот суд пресудил дека одлуката на Владата за раскин на договорот од март минатата година е законита.

    „Во пресудата се вели дека Судот најде дека врз основа на правилно и целосно утврдена фактичка состојба, Владата правилно го применила и материјалното право, кога на тужителот ’САРДИЧ МЦ‘ еднострано му го раскинала Договорот за концесија. Причините кои се сметаат за основани е тоа што концесионерот во рокот од две години до денот на доделувањето на концесијата во смисла на членот 13, став 1 од договорот, не ги исполнил обврските да изгради постројка за експлоатација на катоден бакар со капацитет да процесира најмалку 50 проценти од експлоатираната руда и после две години од почнување со експлоатација на вториот рудник да изгради фабрика за производство на финални производи од катоден бакар со капацитет најмалку еднаков на годишниот капацитет на постројката за експлоатација на катоден бакар“, соопштија од Владата.

    • ВЛАДАТА ЕДНОСТРАНО ГО РАСКИНА ДОГОВОРОТ ЗА КАЗАНДОЛ

    Од Владата велат дека остануваат на ставот дека ги поддржуваат инвестициите во земјата и создаваат клима за економски просперитет и квалитет, но исклучиво согласно утврдените законски норми и прописи.

    Во август 2017 година, по иницијатива на „Спас за Валандово“, во Валандово се одржа референдум за стопирање на изградбата на рудникот „Казандол“, но не успеа поради недоволна излезност. Претходно имаше успешни референдуми против „Казандол“ во Дојран и Богданци.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира