1. Научно втемелениот и систематски истражуваниот специјалистички наод на докторот Цветан Јовчески, обелоденет зад собраниската говорница минатата недела, дека “досегашното делување на македонската влада беше импотентно”, сигурно во душа го погоди премиерот Кљусев. Сега најверојатно се подготвува да направи реконструкција на кабинетот, ама има проблеми да докаже кој од министрите затајувал баш кога треба, па угледниот пратеник од Прилеп и нему, ни виновен ни должен, му залепи етикета.
Дополнителни компликации во лекувањето на болеста претставува забраната за употреба на ВЕП. Вардар, Егеј и Пирин – за голема и цврста Македонија повеќе не се во игра, затоа што Европа ја забрани употребата на вештачки стимулатори. А ние ја слушаме сé што ќе ни рече, па дури и во Уставот се откажавме од Егеј и Пирин. Пред Владата сега стои историскиот предизвик: како во услови на нормативна индиспонираност да ја поврати потенцијата и волјата за голема и цврста Македонија и да го слуша Советот на Европа.
Ќе мора да им се врати на народните лекарства. Старите во слични ситуации пиеле чај од пелин. Велат дека од пелиновата трева гарантирано се дига – моралот. На тој начин и Владата конечно ќе го почувствува горчливиот вкус на власта.
2. Иако, по сé изгледа, сé ќе стори да не проба од пелинот, а импотенцијата ќе продолжи да ја сокрива со мангупско однесување. Тоа што затајува “баш кога треба” ќе го брани со надворешни фактори.
Така, деновиве дури и претседателот Киро Глигоров се стави во функција на правдање на досегашните и евентуалните нови киксови “баш кога треба”. Го посети божем независниот синдикат и таму ги убедуваше божемните претставници на работниците да се стрпат од предизвикување социјални немири во овој критичен момент за македонската држава. Небаре, ако имаме штрајкови, Европа нема да нé признае. Како Европа да не знае што се тоа штрајкови. Единствено што може да нема да ѝ биде јасно какво е тоа македонско чудо кога државната власт и синдикатот се на иста линија.
Истиот ден премиерот Кљусев, пред стопанствениците во Кочани, по втор пат за кусо време ни порача да внимаваме како ја трошиме нафтата. Па дури и најави дека “веројатно ќе донесеме мерки за ограничување на нејзината потрошувачка”. Оправдувањето за ваквите добронамерни совети лежи во едноставната реченица: “Нема пари!”.
Се прашувам, што ако Европската заедница го одложи признавањето до крајот на годината, а премиерот Кљусев не може да најде пари за нафта?
Нема пари, нема нафта! Со таков изговор и јас би можел да бидам претседател на влада. Или, да бидам поскромен – некој министер. Не сум, затоа што не сум способен да најдам пари. Ама затоа мислам дека тоа го може премиерот.
3. Ако нешто може да ми ја наполни душата со високи патриотски чувства, тоа е овие денови објавената вест дека два отсека на медицинските факултети во Љубљана и Марибор престанале со работа затоа што не стигнуваат македонски жаби за секцирање. Знаев јас дека ќе се каат Словенците што решиле да прават самостојна држава. Дури сега се гледа колку тие биле зависни од нас. Словенечката наука е незамислива без македонски жаби.
Сепак мислам дека и ние треба конечно да научиме нешто од словенечката себичност. Па наместо да им ги испраќаме за да учат медицина нивните студенти, ние ќе ги пренасочиме во Италија. Знаејќи за гурманските склоности на Италијанците, ете ни шанса да издејствуваме меѓународно признавање. Џабе Џани де Микелис се расправаше со Самарас за признавање на Македонија. Последниот удар на грчката дипломатија ќе ѝ го зададе со жаба. Веројатно за тоа Мицотакис наводно изјавил дека “прашањето со името на “Скопје” е жаба која Грција на крај ќе мора да ја проголта”.
Сиромашкиот Самарас, сигурно не може ни да претпостави дека е можно дипломатската кариера да ја заврши слизнувајќи се на – жаба. Отсега натаму, во Грција е забрането емитирање на популарниот “Мапет шоу”. Жабецот Кермит е “нова скопска провокација”.
4. Во стилот на жабечко, ама синхронизирано крекање, доаѓаат секојдневните написи во белградските весници за состојбата во Македонија. Просто ми е незгодно колку Милошевиќевите душегрижници се насекирани за нашата судбина. Па ронат ли ронат бисери. Како солзи. Си ги читам секој ден и си плачам колку ќе ни биде тешко без Слободан Милошевиќ.
А дури колку ќе им биде тешко на Грците! Нивните другари од “Слободанка експрес” открија дека “очигледно Бугарија преку Македонија гледа остварување на санстефанскиот сон, според кој Бугарија ќе ги зафати површините сé до Лариса и Халкидики со главен град Солун”. После Белграѓани ќе мораат да одат на шопинг во Бугарија.