Инвестицијата на Владата во Македонско село во Нерези ќе се исплати по нешто повеќе од 155 години. Толку време треба закупецот да ѝ плаќа на Владата по 3.500 евра месечно, колку што е сегашната кирија, за да се стигне до приближно 6,5 милиони евра колку што државата вложи во селото.
Според официјалните податоци, Владата во изградба на селото вложи 5,2 милиони евра.
– Дополнителни 1,3 милиони евра беа потрошени за внатрешно уредување.
– 24.000 евра чинеа трите електромобили набавени за пренесување на куферите на гостите во селото.
– 4.200 евра чинеа патоказите и ознаките за комплексот.
– 2.700 евра чинеа клупите и корпите за отпадоци.
Сите овие трошоци треба да се покријат со месечна кирија од 3.500 евра, колку што на државата ќе ѝ плаќа поранешниот градоначалник на Општина Центар Владимир Тодоровиќ, како сопственик на „Квинс хотел“ и „Тинекс“ кои во следните 20 години ќе стопанисуваат со селото.
Постапката за избор на концесионерот ја спроведе владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР).
„Квинс хотел“ и „Тинекс“ на јавното наддавање, на кое учествуваа вкупно тројца понудувачи, понудија највисока цена за кирија.
Владата пред да склучи договор со нив, имаше договор за концесија со „Тренд“, но фирмата се откажа и го раскина. „Тренд“ требаше да плаќа по 2.000 евра месечно, оти тоа беше највисоката понудена кирија на првото јавно наддавање. Зошто го поништија договорот, јавно не кажаа.
Комплексот Македонско село има 12 двокатни куќи. Секоја од нив претставува различен регион од Македонија. На долниот кат од куќите треба да се претстават различните занаети карактеристични за регионите, а горните катови функционираат како хотел.
Изградбата на селото, кое официјално беше пуштено во употреба на 22 јуни годинава, траеше пет години. За да им биде подостапно на скопјани и на туристите, ЈСП од минатата недела воведе автобуска линија која оди до селото.