Министерот за внатрешни работи на Велика Британија Саџид Џавид го потпишал барањето за екстрадиција на Џулијан Асанж во САД, кадешто се соочува со обвиненија за хакирање и објавување на тајни воени и дипломатски документи.
„Тој е заслужено зад решетки. САД имаат доставено барање за негова екстрадиција што ќе се најде пред суд утре, но јас го потпишав уште вчера и такво ќе оди на суд“, изјави Џавид.
Ова го отвора патот за екстрадиција на основачот на Викиликс во САД, каде што против него се покренати 18 обвиненија, вклучувајќи и за шпионажа.
„Конечната одлука ја носи судот, но важна улога во тоа има и Министерството за внатрешни работи. Јас сакам спроведување на правдата и барањето за екстрадиција е легитимно, па затоа и го потпишав“, кажа Џавид.
Асанж помина седум години во амбасадата на Еквадор во Лондон, од каде што присилно беше изведен во април и моментално отслужува затворска казна од 50 недели поради прекршување на условната казна.