РЕАЛ МАДРИД ОТВОРИ ФУДБАЛСКИ КАМП ВО ШТИП, СКОПЈЕ И КАВАДАРЦИ

    РЕАЛ МАДРИД ОТВОРИ ФУДБАЛСКИ КАМП ВО ШТИП, СКОПЈЕ И КАВАДАРЦИОд секој камп ќе бидат избрани по двајца млади фудбалери, кои летово ќе продолжат на месечен камп во Шпанија (Фото: СДК.МК)

    Во Скопје, Кавадарци и Штип стартуваше фудбалскиот камп на Реал Мадрид, под водство на тренерот Карлос Касилјас-Санчес. Тој заедно со неговите помошници во наредните денови ќе обучува тренери и идни фудбалери од повеќе клубови во Македонија.

    Првата прозивка беше во Штип, каде на собир се најдоа млади фудбалери од седум до 17 годинии од сите клубови од Источна Македонија.

    „Благодарение на договорот што го склучи македонската компанија ‘Кит-го‘, сопственик на истоимениот фудбалски клуб од Пехчево, фондацијата ‘Реал Мадрид клиник‘ првпат организира камп во овие три града и се надеваме дека соработката ќе продолжи и во наредните години. До петок ќе се направи селекција и од секој камп ќе бидат избрани по двајца млади фудбалери, кои летово ќе продолжат на месечен камп во Шпанија. Очекуваме за Мадрид да заминат и повеќе тренери од Македонија, кои ќе го посетуваат тренерскиот камп“, велат од официјалниот партнер на Реал, „Еуроспорт арена“.

    Во јануари во Охрид се одржа првата средба на македонски фудбалски тренери и тренери од оваа Фондација, која со фудбалски кампови е присутна во повеќе од 50 земји во светот.

    „Привилегија е да се навлезе во тајните на методологијата и тактиката на шпанскиот фудбал, кој е водечки во светот. Од шпанските тренери многу ќе се научи“, вели Борче Постолов, поранешен фудбалер на Брегалница, а сега тренер и прв човек на фудбалската академија „Постолов-Пандев“.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира