Во заедничка акција на Град Скопје и општините Чаир и Центар утрово почнаа да се уриваат диви тераси на кафулиња и кафеани во Старата скопска чаршија.
Градските и општинските инспектори за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека речиси сите угостителски објекти со години работеле на диво, без елаборат и одобрение за поставување урбана опрема, па оттука не плаќале ниту комунална такса за поставените маси и столици на јавна површина.
„Едвај пет-шест локали имаа дозвола за поставување на урбана опрема. Останатите нелегално поставиле летни тераси на јавна површина и така работеле со години. Отсега нема да смее да се поставуваат платформи и тенди со железни конструкции со кои се заградува просторот. Масите и столиците ќе стојат на калдрмата и ќе бидат дозволени само чадори“, ни изјавија инспекторите од Градот и општините.
Дел од газдите на локалите во Чаршијата почнаа самите да ги повлекуваат масите и столици и најавиле дека во текот на денот ќе ги отстранат и настрешниците.
Општина Чаир во понеделникот им даде рок од 5 дена на сите кафеанџии во Чаршијата да ги отстранат дивите тераси. Тогаш од Општината рекоа дека нема да толерираат узурпација на јавен простор и дека ќе воведат ред во Чаршијата.
Минатата недела со акција за уривање на диви летни тераси почна и Општина Центар при што беа отстранети конструкциите и платформите на неколку кафулиња во Дебар Маало.
А. АНТЕВСКА