СЕ ФАЌАА ВРСКИ ЗА ДА СЕ ОДИ НА АКЦИЈА, СЕ СЕЌАВААТ БРИГАДИРИТЕ ОД „СТРЕЖЕВО“ НА 40-ГОДИШНИОТ ЈУБИЛЕЈ

    СЕ ФАЌАА ВРСКИ ЗА ДА СЕ ОДИ НА АКЦИЈА, СЕ СЕЌАВААТ БРИГАДИРИТЕ ОД „СТРЕЖЕВО“ НА 40-ГОДИШНИОТ ЈУБИЛЕЈВо изградбата на браната учествуваа 3.500 бригадири од цела Југославија (Фото: СДК.МК)

    На времето врски се фаќаа за да се оди на работна акција, се јавуваа родители децата да им ги пуштиме во некоја бригада, немаше место колку што имаше заинтересирани, се присетува Душко Јанкуловски, првиот командант на Сојузната младинска акција „Стрежево ‘79“. Деновиве во Битола се собраа поранешни бригадири од цела држава за да одбележат 40 години од акцијата со која се изгради хидросистемот „Стрежево“, браната за вештачкото езеро и одводниот и доводниот канал. Тие утре ќе ги посетат браната што ја градеа и кампот на Пелистер кадешто престојуваа, ќе каснат бригадирско тавче гравче и ќе имаат изложба и забава.

    „Живеевме и работевме по правилник донесен од штабот на акцијата. Бригадирскиот живот почнуваше во 4.30 часот наутро, се пееше химната, се дигаше знамето, фискултура, појадок, па на трасата. Се работеше шест до осум часа на ден. Преку лето, од 10 јуни до 30 август, жештина 30 степени. А, работата рачна, со казма, лопата и количка се копаа каналите, се правеа косините, каде што не можеше да влезе механизација“, раскажува Јанкуловски.

    Системот беше изграден за рекордни три години, а нормата натфрлена за 50 отсто

    Бригадирите ја подигнаа браната висока 76 метри, а акумулацијата собира вода до 110 милиони кубици. Со овој зафат се реши недостатокот од вода во Битола и Пелагонија. Од неа преку лето Битола користи вода за пиење, се наводнуваат земјоделските површини, а со техничка вода се снабдуваат РЕК и другата индустрија. Во изградбата учествуваа 3.500 бригадири од Виница, Пеќ, Краљево, Чачак, Загреб и од многу други места од Југославија.

    Бригадирите велат дека со песна заминувале на градилиштето

    Системот се изгради за три години, своевиден рекорд, а нормата натфрлена за 50 отсто. Меѓу најдобрите бригади беше Црногорската, иако во шегите се опишани како неработливи. Командантот на бригадата Џихад Јакуповиќ, апсолвент на Факултетот за марксизам и филозофија, за тогашните весници изјавил:

    „Кај нас нема проблеми, дојдовме да работиме и работиме, сега засега сме во самиот врв“.

    Во акцијата учествувала и бригада од Малме, Шведска

    Во печатот е зачувано и раскажувањето на тогашната бригадирка Весна Томљеновиќ од Загреб, која вели дека „бригадирскиот живот е убав, полн со динамика, љубов и другарство“.

    „Горд е секој бригадир кој еднаш или повеќе пати учествувал на работни акции. Ретко кој бригадир кој еднаш учествувал во акција и следното лето не се нашол во бригадирскиот строј. Со песна заминувавме на градилиштето. Работевме на ископување канали за пошумување на голините во овој регион. Сите бригади со нетрпение очекуваа да ги оправдаат работните резултати. Ниту жешкото сонце не можеше да го намали работниот елан“, рекла Томљановиќ.

    Своевиден куриозитет на акцијата било учеството на бригада од Малме, Шведска. Ја сочинувале деца на наши иселеници и осумина Швеѓани. Едвај се навикнале на бригадирскиот грав, но во Шведска се вратиле со ударнички значки. Се родила и љубов, па по акцијата, битолчанка се омажила за Босанец.

    На крај, разделбата на бригадирите била потешка од трасата. Ветеранoт чичко Јово Цвејиќ ја примил 66. ударничка значка. Од 1945 година учествувал во 102 акции, па на заминување рекол дека не знае како ќе издржи дома по враќањето од Стрежево.

    Организатор на чествувањето е Здружението за доброволно младинско работно ангажирање „Волонтери – Пелистер“, кое ќе се обиде да го врати акцијашкиот дух и да создаде нова бригада од средношколци во Битола.

    „Бараме да продолжи традицијата на всадување љубов кон волонтеризмот и татковината, да се сработат работите што можат, пошумување, заштита на животната околина, езера, реки“, рече Љупчо Василевски од „Волонтери-Пелистер“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира