Русинот Игор Гиркин, еден од четворицата обвинети за соборувањето на авионот на „Малезија ерлајнс“ над Украина во 2014 година, кога загинаа 298 луѓе, се борел во војната во БиХ како припадник на козачките формации, кои биле во составот на војската на Република Српска, објави Ал Џазира.
Како што во својата книга „Руски и грчки платеници во војната во БиХ“ пишува пензионираниот мајор на војската на БиХ Азиз Тафро, Гиркин дошол во Вишеград заедно со други Козаци во ноември 1992. Тафро вели дека Гиркин и неговите единици дејствувале во овој регион во периодот кога тука биле извршени најголемите ѕверства над несрпското население, при што биле убиени околу 3.000 луѓе.
Гиркин наводно останал во БиХ до март 1993 и во меѓувреме учествувал и во борбите околу Горажде, Жепче и Сараево. Во чест на 37-темина руски доброволци кои загинале во војната во БиХ, кај Вишеград е кренат споменик во 2011.
Меѓународен тим истражители предводен од Холандија пред неколку дена објави дека Гиркин е едно од лицата одговорни за соборувањето на малезискиот авион кој леташе од Амстердам кон Куала Лумпур. Како вработен во руската воена разузнавачка служба ГРЗ, Гиркин со уште двајца Руси и еден Украинец ја организирал набавката на ракетните проектили „бук“ со кој бил погоден авионот.