Битолскиот градонaчалник Владимир Талевски од куќен притвор преку писмен допис на адвокат му се закани на новинарот од Битола, Симе Алушевски дека ќе го тужи ако јавно не му се извини за објавен текст. Слична најава за тужба новинарот доби и од секретарот на општина, Слободан Бончановски, кој исто како и Талески за случајот „Транспортер“ беше во притвор.
На Талевски утре му истекува мерката куќен притвор. Тој денеска треба да се појави на распит во Основниот суд Скопје 1.
Талевски и Бончановски преку адвокатот Драган Пажиќ на Алушевски во саботата му пратиле писмено барање за извинување и јавно повлекување на, како што наведуваат „клеветнички и навредливи изјави“. Тие реагираат на текст што Алушевски го објавил во неделникот ЕГО на 28 април за случајот „Транспортер“ по официјално одржаната прес конференција на СЈО. Во писмата се посочува дека претрпиле душевни болки поради повреда на лични права, на честа и угледот.
Алушевски вели дека нема да се извини затоа што никого не наклеветил туку само ги пренел изјавите на обвинителката Фатиме Фетаи од прес конференцијата за случајот „Транспортер“ во кој повеќе лица беа осомничени за организирање на школски превоз по повисоки цени од реалните.
„Во текстот кажувам дека тоа го вели Фатиме Фетаи на прес конференција што може да се потврди оти се уште снимката ја има на јутјуб и јас ја имам во компјутер. Ме известуваат дека ќе ме тужат за пренесена изјава. Законот вели дека такви работи не можат да подлежат на оптужување. Ова го сфаќам како притисок за да не пишувам и понатаму текстови кои ја третираат оваа проблематика“, изјави Алушевски.
Тој додаде дека со оглед на тоа што весникот Его излегува еднаш неделно не ни можел да им се извини во рок од 48 часа, но не ни планирал.
„Немам ни намера да се извинам зашто не гледам дека сум направил некакво дело“, категоричен е Алушевски.
Во барањето што адвокатот го доставил во име на Талевски пишува дека новинарот изнел клеветнички содржини пишувајќи „градоначалникот на општината заедно со претседателот на комисијата за јавни набавки Слободан Бончановски и група превозници ги местеле тендерите за превоз на ученици“.
Бончановски пак замерил за делот од текстот каде што пишува дека неговото книговодствено биро водело сметководства на некои од превозниците и корисниците на превоз. Во изјавата пишува дека тоа не е точно. Од Алушевски побараа во рок од 48 часа да се извини инаку ќе следува тужба.
Пред две години градоначалникот Талевски ја тужеше новинарката на Утрински Венсик, дописничка од Битола, Анета Блажевска за текст во кој таа ги пренесе обвинувањата на СДСМ за имотот на градоначалникот. Талевски го изгуби судскиот спор.