Собраниската Комисија за надзор над работата на УБК и Агенцијата за разузнавање денеска ги избра пратениците Артан Груби од ДУИ И Трајко Димков од ВМРО-ДПМНЕ да учествуваат во комисијата која ќе ги селектира работниците во Агенцијата за национална безбедност (АНБ).
АНБ е наследник на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), но ќе делува како самостоен орган, надвор од кругот на МВР. За директор на АНБ, која треба да почне со работа на 1 септември, Владата на 11 јуни го назначи Виктор Димовски, претходно државен секретар во Министерството за надворешни работи.
Предвидено е Комисијата за селекција и избор на работници во новата агенција да ја заврши работата до 20 август. Најголем дел од досегашните вработени во УБК треба да бидат префрлени во АНБ.