ДРЖАВАТА ГО ЗАПУСТИ ИМОТОТ НА НЕКОГАШНАТА КАСАРНА ВО КУМАНОВО

    ДРЖАВАТА ГО ЗАПУСТИ ИМОТОТ НА НЕКОГАШНАТА КАСАРНА ВО КУМАНОВООткако од касарната „Христијан Тодоровски- Карпош“ во кумановската населба Бедиње се повлекла војската, украдено е сè што можело да се однесе, а останатото е уништено или пропаднато од атмосферските влијанија. Од некогашните уредени објекти, писти и огромни паркови, сега остана руина зарасната во трева и дрвја, депонија која сведочи за негрижата и неодговорноста на власта кон државниот имот. (Фото: СДК.МК)

    Неповратно пропаѓа и се запусти поголем дел од имотот на некогашната касарна „Христијан Тодоровски-Карпош“, во кумановската населба Бедиње, кој државата го остави незаштитен. Веќе десетина години, петнаесетина објекти, пред сè згради, помошни простории и гаражи кои се користеле за потребите на армијата се оставени без физичко обезбедување, поради што се мета на вандали.

    Откако од касарната се повлекла војската украдено е сè што можело да се однесе, а останатото е уништено или пропаднато од атмосферските влијанија. Од некогашните уредени објекти, писти и огромни паркови, сега остана руина зарасната во трева и дрвја, депонија која сведочи за негрижата и неодговорноста на власта кон државниот имот.

    Жителите во населбата Бедиње со жалење се потсетуваат на времето кога овде вриело од војници и нивни роднини кои доаѓале да ги посетат од сите делови на поранешна Југославија и Македонија, а касарната била пример како се гради и чува имотот во сопствената држава.

    Во кругот на касарната имаше комплетно опремени објекти во одлична состојба, меѓу кои и пошта и една цела амбуланта, кои денеска се во очајна состојба и опасни по околината. (Фото: СДК.МК)

    „Милина беше да се живее овде. Оваа касарна беше најуредена во градот. Се одржуваше хигиената, паркови и цвеќе, нови објекти, амбуланта, пошта, стража. Сè беше под конец. Се гордеевме што беше во нашата населба. Гледајте сега на што личи, сврталиште на бездомници и сомнителни типови. Запуштено, извалкано, ограбено, наместо да ги искористат Општината и државата, дозволија најголем дел да пропадне“, вели еден повозрасен граѓанин.

    Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски жали што поголемиот дел од некогашната касарна се наоѓа во катастрофална состојба, но тврди дека локалната самоуправа нема вина поради тоа, бидејќи предходната власт намерно не сакала да им го предаде имотот како што тоа го сторила во останатите општини, туку го оставила незаштитен да се уништува и пропаѓа.

    Тој се потсетува дека во времето кога бил член на Советот на Општина Куманово, Владата на Груевски побарала да донесат итен урбанистички план со кој оваа локација ќе ја трансформираат дел во индустриска зона за лесна и незагадувачка индустрија, постоечките објекти да се пренаменат во други дејности и да се вцртаат две маркички за социјални станови, а презеле и повеќе вработени од касарната како услов да го добијат имотот.

    „Општината го стори тоа и очекуваше дека целиот имот ќе ѝ биде ставен на располагање. Но тоа никогаш не се случи, туку повторно со одлука на Владата објектите беа пресраспределени на различни институции, како што се МВР, Министерството за труд и социјална политика, Министерство за образование и само неколку објекти на локалната самоуправа, кои никогаш не ни беа предадени во владение. Паралелно со тоа, се поведе постапка за продажба на државното градежно неизградено земјиште и најатрактивните парцели Владата во една нејасна и многу спорна постапка ги продаде на купувачи за комерцијални, наместо за социјални станови“, вели Димитриевски.

    По смена на власта, Општина Куманово побарала од Министерството за одбрана да ѝ ги предаде објектите што ѝ се доделени, па сега се чека одлука на Влада да се заврши постапката и да започнат со адаптација на објектите. Се планира да ги искористат за техничко-оперативните сектори на јавните претпријатија „Водовод“ и „Чистота и зеленило“.

    „Пропаѓањето на објектите во поранешната касарна го гледаме секојдневно, но немаме начин да го спречиме, а камоли да ги ставиме во функција. Во кругот на касарната имаше комплетно опремени објекти во одлична состојба, вклучувајчи тука и една цела амбуланта, кои за жал денеска се во очајна состојба. Во најголем дел се уништени и за нивна реконструкција ќе бидат потребни огромни финансиски средства. Ова е само еден пример како лошо се постапува со државниот имот, но верувам дека оваа Влада ќе има капацитет да донесе одлука со која не само што ќе ни ги даде на располагање објектите, туку и останатите ресорните министерства ќе ги задолжи да се грижат за нив, бидејќи претставуваат сеопшта опасност, незаштитени се и во секој момент може некој да се повреди“, вели Димитриевски.

    Од имотот на поранешната касарна најмногу искористи Министерството за образование за потребите на дисперзираните студии на Тетовскиот универзитет, средното економско и земјоделско училиште на албански јазик, а поднесено е иницијатива за отворање на уште едно училиште, додека од останатото изграден е само еден стопански капцитет и две комерцијални станбени згради, кои требаше да бидат социјални.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира