Драган Павловиќ-Латас и неговите браќа Звездан Павловиќ и Срѓан Павловиќ, добија ослободителна пресуда за изградбата на нивните три куќи во Зелениково Скопје. Обвинението го поднесе Специјалното јавно обвинителство, ослободителната пресуда ја изрече Основниот суд Скопје 1.
„Делото за кое се обвинуваат, не е дел од законот. Обвинетите се ослободуваат од обвинението. Нема ни конфискација на куќите“, одлучи Судот.
Сторител е тој што во моментот врши градба без одобрение на градба или спротивно на одобрението за градба. Надзорот го врши органот за надзор. Инспекцискиот надзор го вршат државни и општински градежен инспектор. Во конкретниот случај нема пријава за бесправно градење ни од граѓанин, ни од државен орган. Нема ни решение за уривање. Немало јавен интерес, а башка и во 2013 година тие си извадиле градежни дозволи за веќе изградените куќи и никој не побарал поништување на тие одобренија, заклучи судот.
Трошоците за ова судење паѓаат на товар на државата.
По изрекувањето на пресудата, обвинителката од СЈО Елизабета Јосифовска најави жалба до Апелациониот суд.
„Нема дилема дека ќе жалиме пред Апелациониот суд. За нас обвинението е издржано и основано“, кажа Јосифовска.
С. К. ДЕЛЕВСКА