ЛЕТНА ШЕМА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:187:"НезадоволнитеминистривооставкасеподготвуваатдагиблокираатулицитеоколуВладатаи"Макпетрол"

    1. Најиздржливите примероци од сортата “граѓани на Македонија”, кои храб­ро и стоички минаа низ голготата на експертизмот, одговарајќи секогаш подгот­вено на сите предизвици на современиот начин на живот, повторно се ставени во навидум безизлезна положба. Скршени од болката, предизвикана од сознанието дека сега дежурните виновници за сé: Грција и Владата на Кљусев, веќе не се во мода, си бараат утеха во податокот дека, ете, токму тие биле среќниците кои можат да се пофалат оти во нивно време се случи вистинско “западњачко” уривање на Владата.
    Длабоко сочувствувајќи со нивната тага, но и висока свест за историското место што како современици на експертите што си заминаа ни дава кредит на оние што ќе дојдат по нас да им се фалиме оти “ние ја воведовме Македонија во клубот на демократските земји каде што нема понормална работа, Владата да падне, ако не ја бива”, сепак паѓам во благ очај само и при помислата дека, ете, можеби уште идната сабота нема да има со што да го пополнам просторот на “Сакам да кажам”. Кога јас, по паѓањето на Кљусев и неговите министри се наоѓам пред тотална инспиративна блокада, можам да замислам како се чувствува колегата Љупчо Кирков од Македонската телевизија со пропаднатата серија “Директно со Владата”. А да не зборуваме за тамошното раководство кое, извадено од памет затоа што половина Македонија не им ја плаќа претплатата, сега се соочува со опасноста од масовен бојкот, штом на гледалиштето му се укинува најдобрата емисија од забавно-ревијален карактер. А пари за снимање нови хумористични серии нема.
    Затоа, нека гледа претседателот Глигоров да пронајде побрзо нов мандатор, а пратениците од Собранието нека не се пазарат со месеци. Зашто, ако овој тампон период потрае подолго, а на народот не му се најде нов објект по кој ќе може да се извика за сé што му фали, тешко ним.

    2. Затоа пак овој меѓупростор ќе им дојде супер на ексминистрите. Да почувствуваат малку и тие од благодетите на животот што им се нуди. Па, ќе може пензионираниот професор Кљусев, бидејќи ќе има време колку што сака, да си ја земе “тојотата” и да си застане да чека бензин. Во редот ќе се сретне со ексминистерот за стопанство Стојан Трајановски. Па ќе си зафатат муабет, за ова, за она, и накрај ќе ја испцујат Владата зашто нема бензин. После ќе им дојде Фрчковски. Ама, господин човек, нема сигурно да се поти на педесет степени во редици, во кои никој не му гарантира дека и по пет-шест часа ќе дојде до бензин. Ќе ги “потпали” другите да ги свртат колите и да одат да ги блокираат улиците околу Владата, Собранието и “Макпетрол”. Па ќе направи хаос. Па ќе му дојде полицијата, зашто не смее да блокира патишта и јавни установи. Па сите заедно ќе викаат “Уааа!” Пред Собранието ќе ги сретне “земјоделецот” Ангелов, како заедно со комбајнерите тропа со празни канти зашто нема дизел за жетвата. Ќе направат делегација и внатре ќе ги прими Киро Поповски. Ќе им вети дека нивниот проблем ќе го разгледаат пратениците на една од наредните седници. Тие потоа ќе му речат на Тодор Петров да направи анкетна комисија, за да испита дали полицијата ги пречекорила своите овластувања кога интервенирала против демонстрантите на Фрчко. И накрај, за сé ќе ја обвинат Владата.
    …И сите ќе си живееме во љубов и среќа до крајот на животот…

    3. Можам да претпоставам што муабет ќе си прават Кљусев и Трајановски додека ќе ги туркаат колите кон бензинската пумпа. Сигурно ќе дојдат до сознание, како што завчера ни обелодени на телевизијата министерот за стопанство во оставка, дека потрошувачката на деривати е зголемена затоа што има многу приватни фирми. Притоа сигурно се многу среќни што живеат во Македонија. Не дај боже да мораа да живеат во Германија, на пример. Или, скраја да е, во Аме­ри­ка или Англија. Таму има толку приватни фирми, што кутрите луѓе којзнае дали воопшто и застануваат да наточат бензин. Сигурно никогаш го нема.
    Среќа наша што ги има тие приватни фирми. Да ни останеа и трговските фирми за прехрана од типот на “Макпетрол” како единствени и ексклузивни снабдувачи, денес ќе чекавме ред и за леб. И тоа со бонови, како што ни предла­гаат “нафташите”. Исти стомаци – исти резервоари.
    Ние навистина не влеговме во војна. Затоа наскоро ќе зачекориме во воен комунизам.

    4. Во меѓувреме Македонската телевизија има одлична шанса да го ублажи проблемот со емисии од домашно производство. Раководството на ВМРО-ДПМНЕ се согласува да им помогне на тој начин што ќе им го отстапи бесплатно филмскиот материјал,  долг повеќе од три часа, за формирањето на Македонската национална гарда – ТМРО. Оваа документарна приказна, со несомнени уметнички и историски квалитети, бидејќи прави спој на сегашни настани со обичаи од времето на Гоце Делчев (со кубури, ками и погачи), може да се емитира во пет-шест епизоди во ноќната програма. Една недела премиерно, другата како реприза. И – се пополнила летната шема.
    После само некој нека изусти дека ВМРО-ДПМНЕ има нешто против луѓето од телевизијата.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира