КОЧАН НЕМА ДА ОДИ ВО ЗАТВОР ДОДЕКА СУДОТ НЕ ОДЛУЧИ ПО НЕГОВОТО БАРАЊЕ ЗА ОДЛОЖУВАЊЕ НА КАЗНАТА

    КОЧАН НЕМА ДА ОДИ ВО ЗАТВОР ДОДЕКА СУДОТ НЕ ОДЛУЧИ ПО НЕГОВОТО БАРАЊЕ ЗА ОДЛОЖУВАЊЕ НА КАЗНАТАБизнисменот Сеад Кочан е правосилно осуден на 4 години и 8 месеци затвор во предметот на СЈО „Труст“. (Фото: СДК.МК)

    Осудениот бизнисмен Сеад Кочан денеска требаше да се пријави во затворот во Идризово и да почне со издржување на затворската казна од 4 години и 8 месеци, но тоа нема да случи бидејќи Основниот кривичен суд сѐ уште нема одлучено по неговото ново барање за одложување на неговото заминување во затвор, објави државната агенција МИА.

    Кривичниот совет на Основниот кривичен суд во понеделникот ја потврди одлуката на судијата за извршување санкции да се одбие барањето на Кочан за одложување на затворската казна, но тој има поднесено ново барање, по кое судот досега нема одлучено.

    Судија за извршување санкции на 20 јуни донесе решение Кочан да се јави во казнено-поправна установа на 17 јули на издржување на затворската казна. Тој е правосилно осуден на 4 години и 8 месеци затвор во предметот на СЈО „Труст“ за добивање на незаконски тендер од 2011 година распишан од државната фирма „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) за ископување јаловина и јаглен од рудникот Суводол во Битола.

    Основниот кривичен суд Скопје првостепено го осуди Кочан на 6 години затвор на 20 јули 2018, а на 11 март 2019 Апелациониот суд му ја намали казната на 4 години и 8 месеци. Второобвинетиот во истиот предмет, Василие Авировиќ, доби две години условно од Апелација, откако првостепено беше осуден на три години затвор.

    Во петокот, Кочан беше примен на лекување во една приватна болница во Скопје и од судот потврдија дека тој го известил судијата за извршување санкции дека е хоспитализиран, притоа барајќи одлагање на извршувањето на казната. Кочан поднел и барање до Врховниот суд за вонредно преиспитување на пресудата од 4 години и 8 месеци за случајот „Труст“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира