ПОСЛЕ 8 ГОДИНИ МОЖЕМЕ ДА ЗДИВНЕМЕ ОД ПРОБЛЕМОТ ДРИСЛА, РЕЧЕ ШИЛЕГОВ ЗА ПОНИШТУВАЊЕ НА ПОСТАПКАТА ЗА КОНЦЕСИОНЕР

    ПОСЛЕ 8 ГОДИНИ МОЖЕМЕ ДА ЗДИВНЕМЕ ОД ПРОБЛЕМОТ ДРИСЛА, РЕЧЕ ШИЛЕГОВ ЗА ПОНИШТУВАЊЕ НА ПОСТАПКАТА ЗА КОНЦЕСИОНЕРШилегов рече дека најпрво ќе направи комплетна проверка и скенирање на работата на депонијата, за да се види дали дали е потребен партнер за да се вложува во нови капацитети. (Фото: Град Скопје)

    Депонијата „Дрисла“ од денеска се враќа во сопственост на Град Скопје, откако Советот на Град Скопје го прифати предлогот на градоначалникот Петре Шилегов да се поништи постапката за избор на концесионер. Шилегов ја поништи постапката, оти германскиот концесионер „Шолц“ во предвидениот рок од 30 дена не доставил известување за формирана фирма во земјава со која ќе се склучи договорот. Со тоа, Дрисла нема да има концесионер, туку со неа ќе управува Град Скопје како што беше и во минатото, односно пред ексградоначалникот Коце Трајановски во 2011 да одлучи да ја даде под концесија.

    „После 8 години правни игри, шпекулации и перипетии успеавме Градот да го извадиме од тие лавиринти и конечно да ја исчистиме состојбата со претходната контраверзно водена постапка за депонијата. Откако ‘Шолц‘ не достави известување дека постои фирма со која ќе склучиме договор, се создаде правна можност постапката да се поништи и после 8 години да здивнеме сите од проблемот Дрисла. За овој град сум спремен да направам компромис со секого, но со овој град компромиси не правам со никого“, рече Шилегов.

    Дали Град Скопје повторно ќе бара концесионер на Дрисла или ќе управува со неа како јавно претпријатие формирано од Градот, допрва ќе се одлучува. Шилегов рече дека најпрво ќе направи комплетна проверка и скенирање на работата на депонијата, за да се види дали дали е потребен партнер за да се вложува во нови капацитети.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира