Режисерката на филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ Теона Стругар Митевска ја доби наградата Златна арена за најдобра режија во категоријата хрватски малцински копродукции на 66.Филмски фестивал во Пула, Хрватска. Главната награда, Големата златна арена за најдобар филм и Златна арена за најдобра режија ја освои „Дневникот на Дијана Будисављевиќ“ на Дана Будисављевиќ. Филмот на Будисављевиќ ја освои и наградата на публиката Златна врата на Пула.
Според одлуката на жирито, Митевска е наградена едногласно затоа што со „прецизниот режисерски ракопис успева да го вовлече гледачот во филмските случувања, карактери, случувања и општествени околности“.
Светската премиера на филмот беше на 10 февруари на 69. Берлински филмски фестивал, каде освои две награди, на Екуменското жири и на Здружението на германските кина за авторски филм, паралелни награди на Берлинале што ги доделуваат независни жирија. Во април филмот ја доби главната награда на Меѓународниот женски филмски фестивал Дортмунд/Келн, а во мај доби две награди на Филмскиот фестивал Деа во Тирана: за најдобар филм и наградата за најдобра женска улога за Зорица Нушева.
Фестивалот во Пула се одржува од 13 до 21 јули.