ХУМАНИ ПАТИКИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:80:"Воподобраиднинаќевлеземесоспринтирање

    1. Овој народ имал голема среќа што при толкава немаштија и со вакво несреќно и несигурно опкружување има барем една погодност, што ниту еден момент не му е оставен, а да не му се понуди некоја забава за умот. Замислете само, во каква депресија ќе западневме, ако со месеци не ги чекавме вестите за тоа кој имал намера да нé признае. Па уште и ако нé признаеја… Каде ќе најдевме попогоден виновник за сé што не ни чини, ако не ни беше Грција? Дури ни митингот не ќе мораше да го организираме. И ќе живеевме во здодевност, без мотив за политичко ангажирање.
    Деновиве сите составуваме влада. Баш убаво што падна оваа старата, екс­перт­ската, па отвори простор за ново замајување на народот. Притоа имавме среќа што пристигна и танкерот, инаку ќе ги претоваревме мозоците со размислување за две животно значајни прашања. Сега ни остана само обврската да смислиме кој министер во која министерска фотелја ќе седне. А Петар Гошев нека не брза со составување на кабинетот. Што ќе прави после? Ќе треба нешто да работат и ако почнат да грешат, ќе ни смислуваат нови занимации, за да ни го одвлечат вниманието.
    Во меѓувреме, додека чита и слуша кој министер на кое место ќе го постави, Гошев може да шета по улиците и да ја смислува програмата. Инспирација – колку сакаш: од уличните продавачи на цигари, маички, гаќи и секакви дребулии, до економските гиганти кои претставуваат репрезентативен примерок на вистинско пазарно стопанство, од типот на “Макпетрол”, банките, Топлифика­ција, Поштата… Така најдобро ќе почувствува како нагло опаѓа достоинството на обичниот граѓанин.
    Кога ќе помислам само колку далеку ни беа Полска, Источна Германија, Бугарија, Чехословачка, Русија. И колку сé повеќе ѝ се приближуваме на Албанија…

    2. До каде стигнавме најдобро покажува тоа што почнаа сé помасовно да ни испраќаат хуманитарни пакети. Покрај храна и лекови сега ни даваат и облека што не им треба.
    Така, градот побратим на Скопје – Нирнберг решил да ни испрати пакет со 1800 чифта спортски патики. Бидејќи на подарениот коњ не му се гледа во забите, не ни останува ништо друго, туку Собранието на Скопје да се зафати со поделба на патиките. Правилна и правична. Како што тоа честопати го прави со автобус­ките линии на приватниците во градскиот сообраќај. Подарувачите патиките ги намениле за членови на спортските клубови кои немаат доволно пари. Бидејќи сите се такви, ништо чудно да останат нераспределени.
    Најдобро е патиките да им се поделат на политичарите. Да не ни бидат боси. Ќе им се дадат на членовите на новата влада, на замениците, на парламентарците, на раководствата на партиите, на понекој новинар и – за час отишле 1800 чифта патики. Така ќе можеме со трчање да се упатиме кон подобрата иднина. Во благосостојба ќе влеземе со спринт, благодарејќи на патиките од хуманитарната помош.

    3. Којзнае дали на Гошев ќе му помогнат патиките да избега што подалеку од Србославија, која со неговото именување за мандатор почна зачестено да се промовира во македонската јавност. Дали затоа што “тој се докажал во омразата спрема Србите и сé што е српско”, како што вели Демократската партија на Ср­бите во Македонија, или пак затоа што според нивните “сознанија” тие одеднаш се намножиле на токму 284159 Срби сега најавуваат “дипломатска” офанзива за одбрана на нивните права? Со такви “офанзиви” започнуваа и други српски партии, кои исто така се китеа со зборчето “демократска”. Оние во Хрват­ска и Босна и Херцеговина.
    Дали случајно и СКМ – Движење за Југославија сега ја поддржува идејата за меѓународна мировна конфедерација за Југославија? Колку што е познато, капата на Македонија ѝ е кроена токму на такви мировни конференции. Дали случајно и новиот премиер на Сојузна Република Југославија Милан Паниќ зборува за “економско присоединување” на Македонија кон трета Југославија?
    Вчера во нашата редакција пристигна известување, навистина напишано рачно, но со печат на “Месниот одбор на Српската радикална странка – Скопска Црна Гора” и со потпис на некојси Трајче Кметовиќ, претставен како “претседател на Српското четничко движење за Српска Македонија”, во кое се вели дека “Српската радикална странка и Српското четничко движење на 9 август ќе спроведат референдум за самостојна автономна област Кумановска долина”.
    Гошев има “пријатно” искуство токму со “црвено Куманово” и прославениот Драгиша Атанасовски уште од “спонтаните” митинзи по 14. конгрес на СКЈ на кои се бараше “Македонија во Југославија”. Традицијата само се обновува.

    4. Полицијата сé повеќе станува основен носечки столб на нашата цивилна демократија. По налог на Окружниот стопански суд, вчера во АД “Југоснабдител” во Скопје директорот беше доведен на работното место и физички заштитен од вработените – со помош на полицајци. Завчера, влезот на стечајниот управник на “Македонија спорт” му го осигуруваа две “марици” полни полицајци. Неодамна, неколку дена и ноќи, спротивставените табори во скопската “Млекарница” беа одделени со “тампон зона” од полицајци.
    Добро е сé додека полицијата само им овозможува на директорите да дојдат до своите работни места. Што ќе правиме, ако еден ден почне таа и да ги именува и разрешува?

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира