ОБРАЗОВАНИЕТО НЕ Е СПРЕМНО ДА ПОЧНЕ СО ИНКЛУЗИЈА НА ДЕЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ ОД НОВАТА УЧЕБНА ГОДИНА, ВЕЛИ НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ

ОБРАЗОВАНИЕТО НЕ Е СПРЕМНО ДА ПОЧНЕ СО ИНКЛУЗИЈА НА ДЕЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ ОД НОВАТА УЧЕБНА ГОДИНА, ВЕЛИ НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛАко новиот Закон за основно образование, кој е во собраниска процедура, влезе во сила со неговото донесување и ќе важи од новата учебна година, прашањето е: Дали сме ние подготвени навистина инклузивно да делуваме?, вели Заменик-народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа. (Фото: К. Попов)

Народниот правобранител испрати мислење со предлози и констатации за Нацрт-законот за основно образование до министерот за основно образование и наука Арбeр Адеми, во кое наведува дека ако не се исполнат нивните предлози и основни констатации, повторно ќе имаме инклузија која ќе биде само правно уредена и нема да може практично да се имплементира.

Нацрт-законот за основно образование на 18 јули имаше прво читање од собраниската Комисија за образование и спорт, а предизвика доста реакции откако професорите од Институтот за специјална едукација и рехабилитација (дефектологија) при Филозофскиот факултет во Скопје минатиот месец реагираа со отворено писмо дека не се вклучени во подготвувањето на новиот Закон.

„Она што дополнително нѐ загрижува е тоа што Нацрт-законот во вид на Предлог-закон влезе во собраниска процедура и се очекува негово донесување. Во Нацрт-законот ние не видовме преодни и завршни одредби во делот на тоа кога ќе стапи во сила. Тоа значи дека ако Законот влезе во сила со неговото донесување и ќе важи од новата учебна година, прашањето е: Дали сме ние подготвени навистина инклузивно да делуваме?“, вели Заменик-народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа за САКАМДАКАЖАМ.МК.

Затоа што, вели таа, инклузивноста значи и создавање на пристап и обезбедување услови за достапност и она што многу го бара Конвенцијата за права на лицата со попреченост, а тоа е разумно прилагодување.

„Во смисла на тоа создавање услови да се види функционалноста на детето, а не неговата попреченост. Тоа значи: детето што може во образовниот процес, до кој степен може да му се помогне и во таа насока да биде на еднакво ниво со останатите. Искрено, очекуваме и се надеваме дека Министерството за образование и наука со неговата заложба која ја поздравуваме, за инклузија на сите деца во редовното образование, со такво нешто ќе продолжи и во средното образование. Ние направиме неколку истражувања и во претшколските установи, основното и средното образование каде утврдивме дека ние зборуваме формално за инклузија, а во пракса имаме целосна исклученост на децата со попречеченост од една страна, а од друга страна неедуциран кадар кој би можел да излезе во пресрет на потребите и барањата за секое дете. Конвенцијата за правата на детето укажува дека сите деца се еднакви“, вели Бајрамовска-Мустафа.

Меѓу забелешките, Народниот правобранител реагира и за член 15 став 2 од Нацрт-законот, каде е наведено дека училишниот инклузивен тим го сочинуваат педагог, односно психолог, наставници, родители, специјален едукатор и рехабилитатор и директорот на училиштето.

„Народниот правобранител смета дека е потребно овој член да вклучи и други стручни лица, по потреба, со што ќе се даде законска можност за вклучување во училишниот инклузивен тим и на логопед, психијатар, социјален работник или друго стручно лице, во зависност од потребата/попреченоста на детето“, стои во мислењето.

Понатаму, реагираат и за членот 16 каде е уредено дека „во основните училишта за потребите на учениците со попреченост се организираат центри за поддршка за учењето на учениците со попреченост“.

„Овој член не е доволно јасен, не е прецизен и е конфузен како во однос на отворањето на центрите за поддршка така и за нивната улога. Имено, не е јасно уредено дали законот дава можност за отворање на нови центри за поддршка или пак, исклучиво ќе се користат веќе постојните посебни паралелки при основните училишта“, вели Народниот правобранител.

Според Народниот правобранител, видни се неколку слабости во начинот на кој е уредено прашањето за личните и образовни асистенти во Нацрт-законот, меѓу кои дека не е определено кои стручни/образовни квалификации се потребни за образовен асистент, а кои за личен асистент. Исто така, се ограничува работниот однос на максимално една учебна година за образовниот и личен асистент, при што не е јасно дали секоја учебна година се распишува нов јавен повик, кога ќе се распише и кога ќе се изврши обуката на новоизбраните.

„Можеби со подзаконскиот акт ова ќе се уреди, затоа што овој образовен или личен асистент треба да му помогне на детето во неговото изразување во училиштето. т.е надминување на тие бариери со кои се соочува. Ние укажуваме наставниот кадар да не го стави акцентот само на образовните или личните асистенти. Министерството треба да работи на едукација на овој кадар. Реагираме и за тоа дека изборот на овие асистенти е на јавен оглас, што значи дека трае една учебна година. Секое дете е дете и нормално е дека се приврзува за одредено лице. Доколку се планира, а таков впечаток се добива од Законот, дека секоја година, доколку на детето му треба образовен асистент, а никаде не е наведено дека лицето со кое претходно било ќе може да го продолжи договорот, без да се објави оглас и така натаму, тогаш навистина е проблем. Прашањето е што доколку тој образовен асистент отиде кај друго дете, во друго училиште? Се прашуваме дали е тоа во најдобар интерес на детето?“, вели Бајрамовска-Мустафа.

Таа вели дека писмото е испратено и до Националното координативно тело при Владата за импелемтација на Конвенцијата, чија основна задача меѓу другото е и придонес кон правната регулатива од секаков аспект во поглед на создавање на услови за квалитетно живеење на децата и лицата со попреченост.

„Очекуваме кога ќе влезе во Собрание да се оди со амандмани и да се доуреди со поздаконски акти за да не биде на штета на децата“, вели Заменик-народниот правобранител Бајрамовска-Мустафа.

Б. НЕСТОРОСКА

 

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира