ИНСТИТУТОТ ЗА ДЕФЕКТОЛОГИЈА ИСКЛУЧЕН ОД НОВИОТ ЗАКОН ЗА ОСНОВНО ОБРАЗОВАНИЕ, МИНИСТЕРОТ АДЕМИ ВЕЛИ ЌЕ ГИ КОНСУЛТИРА ПРОФЕСОРИТЕ

ИНСТИТУТОТ ЗА ДЕФЕКТОЛОГИЈА ИСКЛУЧЕН ОД НОВИОТ ЗАКОН ЗА ОСНОВНО ОБРАЗОВАНИЕ, МИНИСТЕРОТ АДЕМИ ВЕЛИ ЌЕ ГИ КОНСУЛТИРА ПРОФЕСОРИТЕ„Се согласуваме дека за учениците со комплексни потреби, потребно е да се изготви модифицирана програма, која ќе има различна содржина од редовната настава“, велат од Министерството за образование на една од забелешките на Институтот за дефектологија;  - Од отворањето на изложбата на учениците со попреченост која е дел од проектот „Култура за сите“ на Националната галерија на Македонија (Фото: К. Попов )

Министерството за образование и наука (МОН) во текот на неделава ќе се сретне со професорите од Институтот за специјална едукација и рехабилитација (дефектологија) при Филозофскиот факултет во Скопје, откако тие реагираа со отворено писмо дека не се вклучени во подготвувањето на новиот Закон за основно образование.

„Во изготвувањето на новиот Закон за основно образование во ниту една фаза не беа вклучени професорите од Институтот. Не знаеме зошто. Филозофскиот факултет и Институтот не се поканети на дебатите за Законот, кои веќе се организираат од страна на МОН. Исто така не знаеме зошто. Одговорот веројатно лежи во МОН и традиционално во УНИЦЕФ. Нашиот Институт има нова и модерна студиска програма каде што се опфатени инклузијата, инклузивната пракса, наставата, процената, третманот, раната интервенција и слично. И најважно од сè, студиските програми години наназад беа највисоко оценети и се признати во Европа и пошироко“, стои меѓудругото во писмото потпишано од проф. д-р Горан Ајдински и други професори.

„Процесот не е завршен, бидејќи по конституирање на основата, Законот е ставен на јавна расправа, така што секој заинтересиран има можност да даде свое мислење и сугестија. Се консултираме и секако, секоја конструктивна и издржана забелешка ќе биде вметната во финалната верзија на Законот“, велат од кабинетот на министерот за образование Арбер Адеми (Фото: Влада на РСМ)

Од кабинетот на министерот Арбeр Адеми за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека Законот е ставен на јавна расправа, што значи дека сакаат да го слушнат мислењето на сите.

„Втората верзија на Нацрт-законот за основно образование е изготвена преку еден инклузивен пристап со учество на сите засегнати чинители и со почитување на препораките на ОЕЦД и УНИЦЕФ, наведени во извештајот од направената анализа на квалитетот на националниот образовен систем. Процесот не е завршен, бидејќи по конституирање на основата, Законот е ставен на јавна расправа, така што секој заинтересиран има можност да даде свое мислење и сугестија. Во текот на оваа недела ќе се обратиме и до Институтот и ќе оствариме средба со професорите чие мислење и придонес кон креирање на крајното решение е особено важно. Се консултираме и секако, секоја конструктивна и издржана забелешка ќе биде вметната во финалната верзија на Законот“, велат од Министерството.

Професорите од Институот во писмото наведуваат повеќе забелешки од Нацрт-закокнот, како на пример дека се исклучува дефектологот да може да одржува настава како досега, но од Министреството велат дека специјалните едукатори не се исклучуваат. Напротив, велат оттаму, тие сега со новиот закон добиваат проширена и ресурсна улога, исто како и посебните училишта каде што работат.

„Имено, посебните училишта ја прошируваат својата дејност, со цел да се ‘доближат’ до редовните училишта и да прераснат во училишта со ресурсни центри кои ќе даваат специфични образовни услуги во заедницата.
Ресурсите кои ги поседуваат посебните училишта, заедно со експертизата и искуството на професионалците (специјалните едукатори), ќе бидат достапни за да им ја нудат потребната поддршка на учениците, родителите и наставниците кои работат со учениците со попреченост во редовните училишта.
Во развојот на инклузијата, посебните училишта добиваат проширена улога како основни училишта со ресурсни центри, со мобилни професионалци (специјалните едукатори и рехабилитатори) за поддршка во редовните училишта и во семејствата со деца со попреченост“, велат од кабинетот на министерот Адеми.

Професорите исто така реагираат дека учениците со умерена и тешка интелектуална попреченост, учениците со бихевиорални проблеми, учениците со ниско функционален аутизам и учениците со мултихендикеп нема да имаат модифицирана програма.

Од Министерството повторуваат дека е Нацрт-закон, кој сѐ уште се доработува.

„Се согласуваме дека за учениците со комплексни потреби, потребно е да се изготви модифицирана програма, која ќе има различна содржина од редовната настава. Имено, во таа програма ќе се постават различни цели и компетенции, како на пример: развој и промоција на автономност, личен развој, развој на социјалните односи и релации“, велат од Министерството за образование.

Б. НЕСТОРОСКА

 

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари