Во петок со концерти на Влатко Стефановски, Биља Крстиќ, Танос Ставридис и „Биг Бенд“ ќе биде одбележена 56-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје. Концертите ќе се одржат во Градскиот парк на „Школка“ со почетокот во 20 часот.
„26 јули е денот кога се потсетуваме на еден тажен момент од животот на Скопје. Но, тоа е и ден кога треба да го славиме животот, да ја славиме хуманоста и подадената човечка рака. Никако не треба да ја заборавиме светската мобилизација за помош на Скопје и неговите жители. И по 56 години важно е да се чествува овој ден и сите да се потсетиме на тоа што се случило. Овој ден не го нарекуваме прослава, ниту пак чествување. 26 јули е ден на хуманоста, ден на добрите дела и ден за сеќавање на сите што не се повеќе со нас“, велат од Град Скопје.
На 26 јули во 5.17 часот Скопје било разурнато од земјотрес од 9 степени по Меркалиевата скала, односно магнитуда од 6,1 степени и длабочина од 5 до 7 километри. Главниот потрес траел 20 секунди, а помали потреси имало до 5 часот и 43 минути. Под урнатините загинаа 1.070 жители, а биле повредени над 4.000. Од потресот биле урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе останале без покрив над глава. Во земјотресот беше разурната тогашната железничка станица, а денеска Музеј на град Скопје, а стрелките застанаа и оттогаш го покажуваат времето кога ќе се случила катастрофата, 5 часот и 17 минути.
Веднаш по земјотресот со помош на 87 земји се расчистуваа урнатините од земјотресот и да се гради повторно според проектите на Кензо Танге и Адолф Циборовски.