На битолските улици, покрај корпите за отпад, има и кеси кои ги поставува граѓанската иницијатива „Поинаку“. Тие пред еден месец, како што објавија на Фејсбук, ѝ подарија на Битола околу 50 монтажни држачи за кеси и вреќи на кои е испишано и нивното лого. Преку социјалните мрежи, од јавното претпријатие „Комуналец“ побараа да ги собира кесите, а тие ќе поставуваат нови. Снимија и видеоматеријал, преку кој се обраќаат до директорот на „Комуналец“ со упатство како се заменуваат кесите.
Директорот на „Комуналец“ Панде Богоевски деновиве одржа средба со битолските советници, на која не присуствуваа оние од „Поинаку“ бидејќи биле на одмор и рече дека се подготвени да помогнат на граѓански иницијативи.
„Сите советници присутни на средбата се согласија дека хаотичното поставување на урбана опрема не може да биде дел од организиран и интегриран систем за управување со отпад. Во комуналната сфера не смее да има безредие и треба да се почитуваат одлуките што ги донеле советниците. ‘Комуналец‘ има обврска да ги реализира програмите донесени од Советот на Општина Битола“, рече Богоевски.
Од „Поинаку“ велат дека можеле да ги причекаат за средбата уште два дена. За акцијата со кесите велат дека е поздравена од битолчани, зашто на некои локации низ градот недостига урбана опрема.
„Она што им се допаѓа на битолчани, не им се допаѓа на нив. Иницијативата е направена зашто граѓаните се пожалија на недостиг од корпи за отпадоци. Хаос во однос на чистотата има поради неработењето на ‘Комуналец‘. Ако е хаос поставување на канта за смет, не знам на кој начин ќе се реши проблемот“, вели Габриела Илиевска од „Поинаку“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА