Надгробен олтар од 2. век беа пронајдени вчера на пешачката патека на булевар Партизански одреди во скопската населбата Карпош 4. Екипите на Град Скопје при градежни работи за изградба на нова канализациона мрежа, на еден метар под земја ги пронајдоа овие артефакти.
Како што велат од Музејот на Град Скопје станува збор за камен саркофаг и три елементи на надгробен олтар кои потекнуваат од римскиот период. Артефактите ќе бидат пренесени во локалитетот Скупи.
Градоначалникот Петре Шилегов вели дека градежните работи на оваа локација ќе продолжат и ќе бидат во постојан контакт со археолозите.
„И денеска беше пронајден артефакт, во комуникација сме со надлежните. Бевме известени дека треба да бидат пренесени на локалитетот Скупи оти не се први вакви артефакти пронајдени на таа локација. И при градење на населбата Карпош 4, биле пронајдени артефакти кои се дел од Скупи“, рече Шилегов.
А. АНТЕВСКА