Париз вчера ја доживеа највисоката температура во својата историја од 42,6 Целзиусови степени, додека нови рекорди беа забележани и во други делови од западна Европа.
Рекордно високи температури беа измерени и во Белгија (41,8 степени), Германија (41,5), Луксембург (40,8) и во Холандија (40,7), што уследи само неколку недели по првиот жежок бран.
„Жештината беше со исклучителен интензитет. 43 степени во сенка е просечната максимална температура во Багдад во јули, но не е својствено за Франција“, изјави климатологот Давид Салас.
Француските власти ја означија највисоката, црвена тревога за Париз и за уште 19 други области, а сличен шок доживеа и Белгија.
„Откако почнале мерењата во 1833 година, ова се највисоките температури досега регистрирани во Белгија“, кажаа од Кралскиот метеоролошки институт на Белгија.
Климатолошкиот институт во Потсдам, Германија, објави дека петте најтопли лета во Европа од 1500 година се регистрирани во 21. век.