Од мала посакував мојот живот да не ми заврши во институција, мечтаев да се вратам дома и сега тоа се оствари, вели 39-годишната Фанка Динова, која заедно со партнерот Јонче Гогов (48) се првите лица со физичка попреченост кои го напуштија Заводот за рехабилитација „Бања Банско“. Тие по 30 години престој во Заводот се вратија дома, во рамките на проектот за деинституционализација на Министерството за труд и социјална политика.
Фанка и Јонче веќе три месеци живеат во семејната куќа на Фанка во гевгелиското село Миравци. Со нив по 8 часа на ден поминува нивната персонална асистентка Ивана Динковска (28), која им помага во извршување на секојдневните обврски. Фанка и Јонче биле сместени во Заводот за рехабилитација уште како 8-годишни деца. Двајцата се со физичка попреченост, Фанка не може да оди поради што е во инвалидска количка, а Јонче не зборува, но со звуци и гестикулации на рацете ги искажува своите мисли и чувства. Се запознале во „Бања Банско“, најпрво биле другари, а подоцна почнала нивната љубовна приказна и трае 20 години.
„После 30 години се вратив дома. Од првиот ден кога отидов во Заводот единствената желба ми беше да не ми заврши животот во институција. И еве сега, благодарение на проектот на Министерството за труд и социјална политика за деинституционализација сум во мојот дом, а со мене е и мојата љубов Јонче. Кога тимови од Министерството дојдоа за прв пат во Заводот за да ја презентираат мерката, јас веднаш се заинтересирав. Се јави надеж дека мојата желба ќе се оставри и сега двајцата сме пресреќни што живееме во сопствен дом, а не во институција“, вели Фанка.
Со помош на нејзиното семејство и финансиска поддршка од шведската фондација „Лоза“, дел од семејната куќа на Фанка била реконструирана, опремена и обезбедена целосна пристапност според нивните потреби. Дополнително, преку Министерството за труд и социјална политика и агенцијата „Ју-Ен Воман“, обезбеден е личен асистент за поддршка на Фанка и Јонче во секојдневниот живот.
„Чувствата кога го напуштивме Заводот ‘Бања Банско’ и влеговме во нашиот дом беа измешани. Иако 30 години живеевме во институција, не постоеше сомнеж дека ќе можеме сами да живееме бидејќи имаме помош од Ивана, но и моето семјество. Со Јонче одлично се надополнуваме, иако тој не зборува, јас го разбирам, 20 години сме заедно па и со поглед знам што сака да ми каже“, вели Фанка.
Фонка и Јонче веќе имаат стекнато свои ритуали во новиот дом. Јонче е тој што станува наутро, ја буди Фанка и заедно ја чекаат да пристигне Ивана. Потоа следи заедничко утринско кафе во нивниот двор, прошетка низ селото, пазарење и готвење ручек.
„Мојата работа како персонален асистент е 8 час на ден, двократно. Пристигнувам кај нив во 8 часот си заминувам во 14, а потоа вечерта доаѓам повторно од 20 до 22 часот. Среќна сум со нив. Секојдневно сум им од помош и поддршка. Заедно одиме да пазариме во маркет, петок ни е резервиран за одење на пазар. Сега во селото се одржува турнир во фудбал, па секое попладне со Јонче одиме да гледаме и навиваме“, вели Ивана, на која ова и е прва година да работи како персонален асистент.
Ивана исто е од селото Миравци и кога Фанка чула за програмата за деинституционализација ѝ понудила таа да биде нивни асистент.
„Ние се знаеме подолго време со Ивана. Кога веќе се знаеше дека за неколку месеци ќе си дојдам дома, разговарав со Ивана и ја прашав дали ќе сака да биде дел од нашето семејство, а таа без двоумење прифати. Големо олеснување е што имаме асистенот кој е ангажиран од државата“, вели Фанка.
Таа и Јонче немаат никаков проблем да останат и сами додека Иванка е на пауза, велат дека гледаат филмови, слушаат музика, читаат книги.
„Ни годи малку и да останеме сами“, со насмевка на лицето вели Фанка објаснувајќи дека во преговори се со Министерството да добијат уште еден персонален асистент кој ќе им помага за викендите, бидејќи Ивана е ангажирана само во работната недела, но таа и покрај тоа и во сабота и во недела доаѓа да им домага.
„Ние сме првите кое излегоа од Заводот ‘Бања Банско‘ откако почна процесот на деинституционализација. Убаво е што на секој од нас, како лица со телесен инвалидитет, му се дава можност да биде вклучен во заедницата, во нормалното функционирање. Би охрабрила секој да ја прифати оваа шанса, да не се плашат. Многу од нашите пријатели во Заводот не се одлучни да го направат овој чекор, оти од луѓето вработени и раководни лица им се наметнува стравот дека нема да можат сами да живеат. Тоа е така, бидејќи тие се плашат за своите работни места доколку поголемиот дел од нас заминат“, кажува Фанка.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска вели дека во следниот период Заводот „Бања Банско“ треба да го напуштат уште седумина возрасни корисници кои ги прават последните подготовки за преселба. До крајот на летото, тие ќе се вселат во четири станови во државна сопственост во Струмица. Нивните нови домови се целосно прилагодени, пристапни и опремени. Државата ќе обезбеди и лична асистенција и поддршка според потребите, за да го поттикне вклучувањето на овие лица во заедницата.
„Истовремено, се прават подготовки за преселба на сите седум деца под 18-годишна возраст од „Бања Банско“ во групен дом во заедницата. Нашите заложби се во следните три години повеќе да нема лица сместени во институции и тие да станат дел од општетсвото, да живеат самостојно во заедницата со соодветна поддршка за што веќе развиваме сервиси на локално нивно“, вели Царовска.
Сите активности се прават согласно Националната стратегија за деинституционализација „Тимјаник“ 2018-2027 и претставуваат премин од досегашниот застарен систем за социјална заштита кон современ систем за поддршка и грижа во заедницата.
А. АНТЕВСКА