МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ЌЕ ГИ РАЗГЛЕДА ЗАБЕЛЕШКИТЕ ЗА ПРЕДЛОГОТ ЗА УКИНУВАЊЕ НА НАЦИОНАЛНАТА ПЕНЗИЈА ЗА ДОАЈЕНИТЕ

    МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ЌЕ ГИ РАЗГЛЕДА ЗАБЕЛЕШКИТЕ ЗА ПРЕДЛОГОТ ЗА УКИНУВАЊЕ НА НАЦИОНАЛНАТА ПЕНЗИЈА ЗА ДОАЈЕНИТЕ„Забелешките ќе бидат разгледани од страна на Министерството за култура во консултација со стручната јавност и ќе бидат предложени конкретни решенија“, велат од Министерството за култура по негативните реакции за предлогот да се укине надоместокот за пензија од околу 7.000 денари за доајените во културата; - Министерот за култура Хусни Исмаили на владина седница (Фото: Влада на РСМ)

    Министерството за култура вели дека ќе ги разгледа евентуалните забелешки во врска со Предлог-законот за култура и членот со кој се укинува надоместокот на пензиите за доајените на културата. САКАМДАКАЖАМ.МК завчера објави дека во Предлог-законот за култура, Mинистерството предлага да се укинат надоместоците за пензиите на доајените на културата како и титулата амбасадор на културата. Според предлогот, надоместокот ќе продолжи да се исплаќа само на оние доајени што веќе го оствариле тоа право. Пензионираните уметници кои би добиле државни награди после донесувањето на Законот, ако биде усвоен, нема да добиваат надоместок.

    Надоместокот е во висина на разликата меѓу пензијата што ја остваруваат и највисоката пензија во земјава во претходната година и е околу 7.000 денари.

    „Ве информираме дека станува збор за Предлог-закон за остварување на јавниот интерес во културата кој за јавноста е веќе достапен на ЕНЕР (Единствен национален електронски регистар на прописи на Република Северна Македонија) и на веб-страницата на Министерството за култура. Забелешките ќе бидат разгледани од страна на Министерството за култура во консултација со стручната јавност и ќе бидат предложени конкретни решенија“, одговорија на нашето прашање од кабинетот на министерот Хусни Исмаили, дали ќе го повлечат членот кој предизвика негативни реакции во јавноста.

    Меѓу 72-цата доајени и уметници кои во изминативе години добија национална пензија се Милица Стојанова, Сабина Ајрула Тозија, Благој Чоревски, Михаил Ренџов, Веле Смилевски, Раде Силјан, Рамадан Шукри, Мајда Тушар, Васил Тоциновски, Халил Зендели, Санде Стојчевски. Надоместок користеа и имиња како Вања Лазарова, Владимир Георгиевски и Љупка Џундева, кои починаа изминативе години.

    Предлог-законот го подготви работна група формирана во април 2018 со решение на тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски, а во неа биле вклучени претставници на синдикатите, на Министерството за информатичко општество и администрација, на националните институции и на граѓанскиот сектор. Во составот на работната група се Златко Теодосиевски, вработен во национална установа и екссоветник на Алаѓозовски (претседател), Магдалена Диковска, раководител на Секторот за нормативно-управни работи и за авторското право и сродните права во Министерството за култура, Фросина Ѓоршовска, раководител на Одделението за управни работи во Министерството за култура, Билјана Тануровска-Ќулафковски и Ивана Васева од независната културна сцена, како и Валентина Поцевска и Александар Стојчевски, претставници на Синдикатот на културата на Македонија.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира