ДРЖАВАТА МОРА ДА ВЛОЖУВА ВО КВАЛИТЕТНИ НАСТАВНИЦИ И ГРАДИНКИ, ВЕЛИ ПРЕТСТАВНИКОТ НА УНИЦЕФ БЕНЏАМИН ПЕРКС

    ДРЖАВАТА МОРА ДА ВЛОЖУВА ВО КВАЛИТЕТНИ НАСТАВНИЦИ И ГРАДИНКИ, ВЕЛИ ПРЕТСТАВНИКОТ НА УНИЦЕФ БЕНЏАМИН ПЕРКС„Мора да се сфати важноста на подучувањето. Истражувањата на светско ниво покажуваат дека во училиште најважен е квалитетот на подучувањето. Се мисли на тоа дека сите мозоци да работат постојано во училницата“, вели претставникот на УНИЦЕФ Бенаџамин Перкс. (Фото: К. Попов)

    Претставникот на УНИЦЕФ во Северна Македонија Бенџамин Перкс смета дека изгласувањето на новиот Закон за основно образование не е крај, туку е почеток на процес на промени кои мора да се случат.

    „Генерално сум задоволен. Ова е прв чекор, но изгласувањето на Законот е само почеток, мора да го имплементирате“, вели Перкс за САКАМАДАКАЖАМ.МК пред неговото заминување од земјава поради завршување на мандатот.

    Работата на Законот за основно образоавние, кој беше изгласан во вторникот, беше еден од ангажманите на УНИЦЕФ во време на неговиот мандат. Перкс беше активен учесник во деинституционализирањето на децата од домовите за деца без родители во мали групни домови, даде поддршка за вакцинацијата, a исто така ги поддржа и македонските тинејџери кои со мобилна апликација за поддршка на жртви на врсничко насилство беа меѓу петте победници во светот на младинскиот предизвик од глобалната иницијатива Генерација без граници.

    „Често ме прашуваат што ќе направи УНИЦЕФ за образованието, но моето прашање е: Што граѓаните на Северна Македонија ќе преземат за тоа? Луѓето во обични места, обични луѓе треба да ги поддржат наставниците, училиштата и процесот. Не е само до нас“, вели Перкс (Фото: К. Попов)

    Практичната примена на инклузијата на учениците со попреченост во редовното образование беше една од клучните забелешки во Предлог-законот од Народниот правобранител и професорите од Институтот за специјална едукација и рехабилитација (дефектологија) при Филозофскиот факултет во Скопје. Омбудсманот смета дека образованието не е спремно да го спроведе законот во пракса од оваа учебна година. и имаше забелешки за составот на стручните тимови за работа со децата со попреченост, но тие не беа земени предвид од законодавецот.

    Перкс смета дека што поголема инклузија има во редовното образование, тоа подобар резултат ќе излегува од училиштето. Затоа што, вели тој, децата децата повеќе се чувствуваат дека се дел од заедницата и повеќе придонесуваат ако учат во училница.

    „Поентата на Законот е дека фокусот е на нештата какви сакаме да бидат, а не какви се. Имаше грижа кај специјалните едукатори што ќе се случи со нив ако се промени ситуацијата и децата добијат редовно образование, но јасни сме дека специјалните едукатори мора да бидат дел од основнотото образование. Мора да бидеме оптимисти во подобрувањето на образованието. Ако гледате што се случувало во изминативе 15 до 20 години, образовниот систем не само што не се подобрил, туку се влошил. Ако гледаме во однос на лицата со попреченост, во Северна Македонија 5 отсто имаат попреченост, но ние имаме податоци само за 2 отсто кои се вклучени во образованието, вклучувајќи ги и специјалните училишта. Централизацијата на специјалните училишта може да биде да биде пречка во вклучувањето на децата од селата и децата да бидат чувани дома, бидејќи родителите не се чувстуваат комотни да ги праќаат децата во локални училишта. Да се децентрализира инклузијата е праведно, но исто е и важно за образовниот систем“, вели Перкс.

    На прашањето дали смета дека македонските институции се способни да го истераат имплементирањето на Законот, претставникот на УНИЦЕФ вели дека мора да има заедничка соработка на сите различни сектори во образованието, да се вклучат во националните планови и да постигнат резултати.

    Перкс смета дека што поголема инклузија има во редовното образование, тоа подобар резултат ќе излегува од училиштето (Фото: К. Попов)

    „Кога стручниот кадар и Министерството ќе соработуваат заедно ќе постигнат подобри резултати. УНИЦЕФ, Светска банка, ЕУ, Американците, Британците сите застанавме зад него и овие организации ќе продолжат да ги поддржуваат овие промени и сметам дека тоа не е поврзано со мене. Луѓето кои работат во овие организации работат напорно и сметам дека на Владата ѝ треба меѓународна помош да го подобри образовниот систем. Тоа е многу работа, труд, но поважно е дека целата држава го поддржува тоа. Често ме прашуваат што ќе направи УНИЦЕФ за образованието, но моето прашање е: Што граѓаните на Северна Македонија ќе преземат за тоа? Луѓето во обични места, обични луѓе треба да ги поддржат наставниците, училиштата и процесот. Не е само до нас“, кажа Перкс.

    Перкс потсетува на публикацијата „Прегледот на образовниот систем во земјата“ која ја објави Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), каде една од забелешките беше дека учениците на 15-годишна возраст од Северна Македонија заостануваат речиси четири години зад врсниците од регионот. Податоците од Програмата на ОЕЦД за меѓународно оценување на учениците (ПИСА) укажуваат дека образовниот успех во Северна Македонија е понизок од меѓународниот и регионалниот просек и не покажува знаци на подобрување.

    „Мора да се сфати важноста на подучувањето, учењето. Истражувањата на светско ниво покажуваат дека во училиште најважен е квалитетот на подучувањето. Се мисли на тоа дека сите мозоци да работат постојано во училницата. Важна е и наставната програма и училницата. Секако дека се овие работи најважни, но најважно е подучувањето. Да се осигураме дека како општество даваме квалитетно подучување. Институциите мора да се фокусираат да им помагаат на наставниците за најдобро што можат да си ја вршат работата, и мислам дека повеќе време треба да се посвети на нивна обука, за кој според нашите податоци има најниско ниво на инвестиции во однос на наставниците во Европа и тоа треба да се смени“, вели Перкс и додава дека мора да се создадат услови каде наставниците може да ја надоградуваат кариерата.

    „Мора да бидеме оптимисти во подобрувањето на образованието. Ако гледате што се случувало во изминативе 15 до 20 години, образовниот систем не само што не се подобрил, туку се влошил“, вели Перкс (Фото: К. Попов)

    Претставникот на УНИЦЕФ смета дека треба да се подигнат националните стандарди во однос на детскиот развој.

    „Институциите треба да се осигураат дека децата во Гевгелија, во Скопје или во Гостивар или каде и да се, растат со истите стандарди, дека ги поддржуваат и работат на тие стандарди. Државата е на многу ниско ниво на ПИСА. Додека ПИСА забележува кај другите земји како Црна Гора, Хрватска Срија и Албанија нивото на образование се подобрило, во Северна Македонија се влошило. Мораме тоа да го промениме, а прв чекор кон тоа е експанзија на градинки. Една од работите на кои работевме со Министерството за труд и социјална политика е создавање на услови за секое дете на возраст од 3 до 6 години да има можност да посетува градинка. Ова е многу важно за основното образование, за децата во претшколска возраст да го совладаат јазикот, да ги совладаат социјалните вештини, во период кога мозокот се развива најбрзо и да бидат подготвени за на училиште“, рече Перкс.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира