Драстично се намалуваат цените за паркирање во Битола, најави Зоран Дојчиновски, директорот на новото Јавно претпријатие за паркинзи, чиј основач е Општина Битола и кое во иднина ќе управува со зонското паркирање.
Новиот ценовник е со намалени цени на услугите за сите три зони во градот и ќе биде донесен на денешната седница на Советот. Паркирањето во А зоната поевтинува за пет денари, а во Б за 10 денари. Паркинзите ќе работат од 7 до 21 часот.
„Првите 15 минути остануваат бесплатни. Во зона А, цената ќе биде 30 денари за два блок часа, а секој следен час ќе биде за пет денари поевтин, односно 25 денари. Во зона Б ќе се плаќа 20 денари за два блок часа, а секој нареден час ќе биде 10 денари поевтин. Паркирањето во зона Ц ќе биде 30 денари цел ден. Во делот на повластеното паркирање, паркинг картата за жител останува 200 денари за прво и 300 денари за второ возило. Има поевтинување и на паркинг картата за правно лице во зона А од 6.000 на 2.000 денари, во зона Б од 4.000 на 1.300 денари и во зона Ц од 2.000 на 1.000 денари”, рече Дојчиновски.
Дневна карта ќе чини 250 денари во зона А, односно 200 во зона Б, што е намалување за 100 денари во однос на претходните цени. Поевтинуваат и цените за блокада на возилата од 1.000 на 500 денари.
За годишна карта ќе се плаќа само за 11 месеци.
Електричните возила ќе бидат ослободени од плаќање паркинг. Ќе има две паркинг места за електрично полнење на возилата кај Спортската сала. Граѓаните една година ќе можат бесплатно да ја користат електричната енергија од тој полнач.
„За 15-ина денови ќе почнеме со работа, од понеделник ќе има конкурси за вработување“, рече Дојчиновски.
Во изминатите шест години со зонското паркирање стопанисуваше приватен концесионер преку јавно-приватно партнерство со Општината.
Ж. ЗДРАВКОВСКА