1. Најглупава ситуација, барем за новинарството, е кога ќе се формира нова влада. Затоа што би требало да се чекаат да поминат првите сто дена, па дури после може да се критикува. А Владата е за критикување. И како сега, кога Бранко Црвенковски ќе ја направи новата влада, човек да биде фин и да се однесува според правило, за да ги дочека првите сто дена? Не оти ситуацијава ни е – тука некаде, блиску до добра, па сто и првиот ден ќе си продолжиме по старо да молчиме. Баш мислам дека уште денес, додека Бранко сé уште е “во минус” денови, можеме да му се лутиме. Или барем да си фаќаме белешки за да не заборавиме.
Единственото објаснување зошто токму тој се согласи со неверојатна коалиција и при неверојатен состав во Парламентот да формира влада е тоа што е – млад. И што решил во пракса да покаже што значи кога ќе се каже “младост – лудост”.
2. Нема да има проблеми само кога се работи за целосно преминување на македонското стопанство на пазарна економија. Во тој правец отидовме далеку напред. Сé се продава и купува на зелените пазари. Сакаш “бинго” детергенти, сакаш бугарска козметика, сакаш српски блокирани прасенца, сакаш хрватски вегети…
Со бинго-економијата Македонија конечно профункционира и како социјална држава. Тоа што со продажбата на евтино бугарско сирење и турски сапуни ни денар не оди како придонес за државата, обичниот граѓанин не го интересира. Барем, додека не се разболи. Дури тогаш ќе види дека на сметка на здравата исхрана и квалитетна стока за одржување на хигиена, кога ќе се појави на лекар и во аптека, три пати ќе го преплати тоа што го заштедил на пазар. Остави што, кога ќе ти стане јасно што сé треба да поминеш за да ја заокружиш цела “здравствена процедура”, ќе си речеш – подобро да умрам. Или пак кога на сметка на шверцуваната стока и на набрзина присобраното зголемување на платите, без да се евидентираат преку СОК, ќе паднеш во несвест од цените на учебниците за бесплатното школување, па ако веќе си згрешил и си родил некое дете, ќе бараш чаре да го праќаш во странство. Можеби ќе успее како келнер, па ќе стане шеф на сала.
3. Додека се занимаваме со високо принципиелни прашања, како на пример дали за нашите прилики е посоодветна бугарската тоалетна хартија со две ролни во пакување или полската со осум ролни, светот си подготвува некаква мировна конференција во Лондон. Ќе работат на смирување на војната во Босна и Херцеговина.
Малку доцна, зашто таму Хрватска и Србија си ја завршија работата. Туѓман и Милошевиќ си се договорија, нивните Бобан и Караџиќ си го остварија договореното. Како во учебниците од кои се учеше за братството и единството. Братски ја поделија единствена Босна. Сега, пред Лондон, големите војсководци се претвораат во миротворци. Имале подготвено “заеднички проект на решенија за БиХ”. Дури Караџиќ понудил и територијални отстапки. Србите контролирале 70 од сто од територијата на државата, а им припаѓале само 64 од сто! Ете работа за триесет и кусурте учесници на лондонската конференција. Ќе решаваат кому да му ги поделат преостанатите 6 од сто територија која Караџиќ галантно ја дарува.
Бидејќи Србите и Хрватите во Босна си се договорија, Муслиманите некаде ќе ги преселат. На пример, во Македонија. Таа како суверена и независна држава која се фали дека во целост ги контролира границите, веќе ќе знае како да се справи со новите бегалци.
Инаку, Црвениот крст на Македонија завчера обелодени, со швајцарска прецизност, бројка од 30 до 50 илјади бегалци на територијата на нашата држава. И тоа “околу…” Што се “околу” дваесетина илјади лица за една вака богата држава? Затоа и нема потреба да се регистрираат. И што ѝ текна сега на Владата (онаа на Кљусев) пред некој ден да се јавува со соопштение според кое на министерствата за внатрешни работи и за одбрана им наредила да водат повеќе сметка за бегалците од Босна и за дејствувањето на муслиманската партија СДА?
4. Арно ама, сé уште не издала соопштение за засилена контрола на стоката што се извезува преку границата со Србија. И агенцијата “Франс прес” и една германска телевизиска станица минатата недела, покрај редовните виновници за кршење на ембаргото против Србија и Црна Гора, како што се Романија и Грција, ја споменаа и Македонија.
Германците отишле со камера на српско-македонската и македонско-грчката граница и ги снимале цистерните со нафта кои патувале на север. Камионите имале регистарски таблички од Босна и Херцеговина. А колку што е познато, таму не работи ни една рафинерија.
Ние, иако сме на четириесетина километри до границата, не испраќаме ТВ екипи и фоторепортери да бројат камиони. Ѝ веруваме на пограничната полиција, на царината и на војската.
5. А редиците пред бензинските пумпи повторно се наше секојдневје. Овој пат “Макпетрол” пронајде нова измислица за замајување. Не се вршел редовен дотур од солунското пристаниште.