1.200 ЗАТВОРЕНИЦИ ВО „ИДРИЗОВО“ СЕ БОРАТ СО ЖЕШТИНИТЕ СО НЕОГРАНИЧЕНО ТУШИРАЊЕ, НА КОЧАН ОД СТРЕС МУ СЕ КАЧИЛ ПРИТИСОКОТ

    1.200 ЗАТВОРЕНИЦИ ВО „ИДРИЗОВО“ СЕ БОРАТ СО ЖЕШТИНИТЕ СО НЕОГРАНИЧЕНО ТУШИРАЊЕ, НА КОЧАН ОД СТРЕС МУ СЕ КАЧИЛ ПРИТИСОКОТОсуденикот Сеад Кочан примил инјекција по што состојбата му се стабилизирала. - Затворот „Идризово“ (архивска фотографија)

    Во затворот „Идризово“, каде деновиве на 40 степени Целзиусови има 1.200 затвореници, во текот на денешниот ден двапати била повикана Итна помош поради паднат или покачен крвен притисок кај некои затвореници.

    Директорот на затворот Боби Мојсоски за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека поради екстремно високите температури во затворот постојано се вршат медицински контроли, дежурен лекар има, а на затворениците во отвореното и полуотвореното одделение им е дозволено да се тушираат и разладуваат кога сакаат и колку сакаат. Нема ограничувања вели ни за осудените лица од затвореното одделение, кои се организирани со свој интерен режим.

    Прашан за состојбата на најновиот затвореник Сеад Кочан, кој пред полноќ на 1 август стражарно беше донесен во „Идризово“ од болницата „Систина“, Мојсоски вели дека Кочан, како и сите осудени лица на затворска казна кои првпат влегуваат во затвор, доживеал стрес.

    „Тоа е нормална реакција кај секој човек кој првпат стапнува во затвор. Возбуда, стрес, страв, кои вообичаено го покачуваат крвниот притисок кај секој нормален човек во таква состојба. Овие симптоми не се толку изразени кај осудените лица – повратници, на кои не им е првпат да се в затвор, но знае и кај нив да се случи. На осуденикот Сеад Кочан по пристигнувањето му беше покачен притисокот на 180 мерни единици и поради тоа лекар препорача инјекција, исто како и во други случаи, кај други затвореници. Притисокот му се нормализира, тој е во добра и витална кондиција, неговата ситуација се следи. За секој случај, ја земавме целокупната негова здравствена документација од ’Систина‘“, вели директорот на „Идризово“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира