ВО МАРИОВО ПОСТАВЕН СПОМЕНИК ИЗРАБОТЕН ОД БОМБИ ОД ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА

    ВО МАРИОВО ПОСТАВЕН СПОМЕНИК ИЗРАБОТЕН ОД БОМБИ ОД ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНАУпотребата на некогаш убистените експлозивни средства за споменик на кој е претставен коњ со дигната нога има за цел да покаже дека животот ја победува смртта. - Скулпторот Златко Бојковски и градоначалникот на Општина Новаци Љубе Кузманоски на откривањето на споменикот (Фото: СДК.МК)

    Уметникот Златко Бојковски изработи скулптура на коњ тешка два тона од шрапнели, бомби, гранати, шлемови и други предмети останати од Првата светска војна во Мариово. Коњот деновиве беше поставен како споменик во родното село на Бојковски, Градешница во Мариово. Вели дека е посветен на жртвите од Првата светска војна од овие краишта кои во голем дел биле македонско население зашто Фронтот минувал низ мариовските села.

    Употребата на некогаш убистените експлозивни средства за споменик на кој е претставен коњ со дигната нога има за цел да покаже дека животот ја победува смртта.

    „Во Градешница има уште остатоци од војната што се одвивала пред еден век. Но, бидејќи се работи за еден пообемен споменик колу 2 тона специјално одев низ планината Кајмакчалан и ги собирав парчињата едно по едно, веќе тешко се наоѓаат. Опасни се, има уште неексплодирани гранати во пограничниот појас, со внимание ги пребирав тие испуканите. Потоа работев со составување на секое парче шрапнел, граната, бомба, шлем добро осмислено и ги преточив во коњ кој го симболизира животот над смртта“, вели Бојковски за САКАМДАЖАМ.МК.

    Како дете пораснал со приказни од дедовците и бабите за Првата светска војна. Во мариовско војувале и француски и српски и бугарски војски. Селото Градешница било два пати палено, а се раселувале и околните селски населби. Денес во мариовско и битолско има француски, бугарски, српски гробишта, но не и гробишта или спомен обележје за македонското население кое гинело мобилизирано во други војски или како цивилни жртви.

    „Минатата година се навршија 100 години од крајот на Првата светска војна и сакав преку овој споменик симболично да му дадам еден значаен белег на тоа време. Жалам што во нашата земја нема ни еден споменик кој е во знак на Првата светска војна. Овој споменик е посветен на жртвите, ние не можеме да ја величиме таа војна зашто имала лоши последици тука, но жртвите треба да ги одбележиме зашто нашата земја ги дала многу“, рече Бојковски.

    Според пишувањата на покојниот поранешен директор на Воениот музеј од Скопје Ванче Стојчев, околу 250.000 Македонци учествувале од страните на Антантата и Централните сили во Првата светска војна. За жал, нив денес не им се знае ни име, ни гроб. На Кајмакчалан има 60 сакрални места со гробови од Првата светска војна.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира