Примадоната на Националната опера и балет (НОБ) и професорка на Факултетот за музичка уметност Весна Ѓиновска-Илкова, држи часови за техники на дишење и помага во еден приватен дом за стари и немоќни лица во Скопје. Во домот престојува и нејзиниот 62-годишен брат, кој е лице со посебни потреби. Оперската певица со врвна кариера вели дека иницијативата за часовите е на една од докторките, а таа безрезервно ја прифатила.
Ѓиновска-Илкова, позната активистка и поборник за човекови права, за САКАМДАКАЖАМ.МК говори за големата поврзаност со брата си, за семејството, за инклузијата на лицата со попреченст во општеството, за посетите во домот.
„Јас сум негова сестричка (така ме вика,) се радува, покажува љубов. Тој и ми го дал името, родена сум во април, месецот на пролетта па некако природно дошло името. Кога сме дома, обавезно кажува што сака да јаде. Голем гурман е. Моите деца, неговите внуци ги знае од бебиња. Сега тие го занимаваат него во двор, додека пие кафе или јаде некое овошје. Голем љубител е на цигара. Тука контролирам колку можам. Мене ми е важно дека не се чувствува отфрлен, дека е дел од семејството, дека има достоинствен живот. Тоа ми е многу битно, верувајте. Моите родители многу вложија во него. Јас секогаш се борев сама и не се жалам. И затоа гордо одам исправена. Сѐ сум постигнала со моите две раце. А целта ми беше после смртта на родителите тој да биде со мене“, вели таа.
Певицата додава дека во домот за стари лица имаат целосна агенда за активност и меѓусебно дружење.
„Колку што гледам, таа практика помалку или повеќе е и во останатите домови. И така треба да биде. Ним им останува староста да им биде достоинствена. Во склоп на тие активности дојде и идејата да работам со нив кога времето ми дозволува. Работиме вежби кои се многу едноставни и прилагодени така да не им наштетат на нивната состојба. Од правилно дишење, до правилен говор или дикција. Сето тоа произлегува од мојата работа. Домот е многу близу до моето живеалиште. Така го одбрав за да можам во секое време да поминам. Пред сѐ заради братот. И оттаму почнуваат идеите. Тој многу сака музика, пеење, на времето беше голем фан на ју-рок сцената. Дома сѐ уште ги чуваме лонг плејките и сингловите од сите познати групи ‘Бијело дугме’ , ‘Рибља чорба’, ‘Проарте’“, рече Ѓиновска-Илкова.
Таа кажува дека знаат заедно и да запејат во Домот. Секој кажува по некоја песна, па доаѓаат спонтано идеи, и во тие 45 минути имаат релаксирана атмосфера.
„Задоволни се. Ќе поминам да оставам нешто што е потребно за братот, и гледам нивни реакции. И самите вработени се задоволни. И јас секако. Си направил некому добро дело“, вели Ѓиновска-Илкова.
На темата инклузија на лицата со попреченост во општеството, Ѓиновска-Илкова вели дека нејзиниот брат во СФРЈ учел во основното училиште „Браќа Рибар“ (денешно „Димитар Миладинов“ ), продолжил во „Златан Сремац“ и бил вработен во тогашната „Светлост“, на отсек картонажа.
„Значи, моите родители се потрудиле да има развој како и секое останато дете, не го криеле, туку напротив е дел од семејството. Тоа има и плус една добра страна. Ќе сфатите дека животот со лица со хендикеп во најмала рака ве прави хумани, и спремни да подадете рака на секој еден на кого му е потребна. Значи, кога во 1980-те постоел систем, не гледам причина тоа да не е и денес, во 21. век. Во однос на субјективните чувства, ќе речам дека секогаш постоеле и ќе постојат. Чувство на срам, страв од отфрлање на околината и слично. Но, најбитно од сѐ е да имаш личен спокој. Зашто, тоа лице пред сѐ е твоја одговорност“, вели таа.
Примадоната во медиумите отворено проговори и за состојбата во Психјатриската болница во Бардовци, каде првично бил сместен нејзинот брат, а исто така и лани јавно говореше за поддршка по случајот со селото Тимјаник, кога локалното население се противеше таму да се отвори дом за деца
со попреченост.
„Во нашето секојдневие и денешница, луѓето зачудено те гледаат ако ти само сакаш да помогнеш. Научени сме да има заднина. Јас многу добро знам што значи тоа ругло од болница. И каква е хигиената, какви се условите. Кога почна акцијата за социјализација во нормални домови, ја поддржав со две раце. Некој ќе рече – политички. Не, сум ги искусила тие патишта. Никогаш не зборувам за нешто напамет. Никогаш. Сметам дека е потребна инклузијата, во зависност од попреченоста. Тоа е мое мислење. Не мора да се сложи јавноста. Помошта кон луѓето за мене е многу природна и нормална“, вели Ѓиновска-Илкова.
На прашањето што би им порачала на семејствата на лицата со попреченост, и на државата, бидејќи забелешките од странските истражувања се дека родителите ги кријат децата дома, а напротив треба да ги пуштат на училиште, на работа, таа ни рече:
„Видете, прво сум многу нормална и реална жена. И сметам дека секој, не само јас, секој кој има проблем сака да го реши. А на семејствата кои имаат вакви или слични приказни, ќе им кажам: прво, никој не е совршен, сите сме луѓе од крв и месо, немојте да имате чувство на инфериорност или срам. Секој кој сака да сфати дека е тоа дел од една животна приказна, ќе го направи тоа. Не обидувајте се да разубедувате некого. Едноставно, грижете се за неа/него да има достоинствен живот. На било каков начин, и никој не смее да ви суди, зашто вие ја имате судбината во вашите раце“.
Б. НЕСТОРОСКА