ОХРИЃАНИ БАРААТ ОБНОВА НА ПРВАТА ОРГАНИЗИРАНА ПЛАЖА ПРЕД „ПАЛАС“

    ОХРИЃАНИ БАРААТ ОБНОВА НА ПРВАТА ОРГАНИЗИРАНА ПЛАЖА ПРЕД „ПАЛАС“До сега имало неколку обиди за обнова на пристаништето, обично во време на предизборни кампањи - пристаништето денеска - (Фото: СДК.МК)

    Центарот за подводни активности „Акватек“ покренува иницијатива да се обнови старото пристаниште пред хотелот „Палас“ кое сега пропаѓа.

    Пристаништето пред „Палас“ е првото организирано капалиште во градот направено во педесеттите-шеесеттите години на минатиот век. Беше особено популарно во почетокот на седумдесеттите години кога на него имаше скокалница и кабини за пресоблекување и беше омилено собиралиште на Охриѓани.

    Пристаништето пред „Палас“ е првото организирано капалиште во градот направено во педесеттите-шеесеттите години на минатиот век. – архивска фотографија.

    “Дрвеното пристаниште беше главната градска плажа за Охриѓани, но и за гостите. Тука срамежливо се појавуваа момчињата кои имаа набилдани тела, а девојките ги покажуваае најновите модели на костими за капење набавени од Трст, Италија. Местото се претвори во модна писта на вода. Тука се родија и многу љубови кои беа завршија со брак, а нивните деца сега само слушаат за приказните од убавата плажа пред “Палас”, кажува Охриѓанец кој беше меѓу десетината познати „маратонци“, како што Охриѓани ги викаа момчињата што важеа за големи љубовџии и главно бараа љубов кај девојки од странство.

    Охриѓани паметат дека освен основниот дел на пристаништето, останатиот беше направен од повеќе дрвени платформи кои на површина на водата се одржуваа со буриња, поставени под нив.

    Оваа плажа преку лето беше преполна. Градската плажа кај Грашница им беше далеку на поголем број Охриѓано и туристи, а плажите на источното крајбрежје ,каде што сега царува бетон и кафулиња, речиси никој не ги посетуваше оти немаше коли.  До нив се стигнуваше најчесто со велосипеди и со кајчиња, бидејќи градски превоз речиси и да немаше.

    За време на големи луњи делови од пристаништето се уриваа, а дрвените делови знаеја и да отпловат кон Албанија.

    До сега имало неколку обиди за обнова на пристаништето, обично во време на предизборни кампањи. Од него е останата само патека до делот кој е изграден од камења што пропаѓаат во водата.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира