ПРАЗНИЧЕН БОН

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:53:"Србијапрвопука,папризнава

    1. Џабе му беше на премиерот на српско-црногорската федерација Милан Паниќ правењето шоу со неколку изјави дека неговата влада имала намера да ја признае независноста на Република Македонија. Војската на неговата држава веќе го стори тоа. Ја призна Македонија.
    Тоа што инцидентот во Кумановско во четвртокот наутро се случил, таму каде што се случил, и што во таа околина се мувале српски војници, само кажува дека таму некаде е границата меѓу двете држави. Тоа што случајот ќе го испитува меѓудржавна комисија, само по себе зборува дека се работи за две држави. Е, тоа што се пукало, како знак на признание и што при тоа се повредени двајца граѓани од Македонија, е негативниот аспект на целиот случај. Ама, што да се прави? Србија ги почитува традициите. Прво пука, па после признава.
    Во меѓувреме и низ Скопје зачестија пукотниците. Прво имавме престрелка пред хотелот “Гранд”. Пред некоја вечер, од рафална стрелба животот го загуби еден средовечен скопјанец. Ни фали уште некој да загине од пиштол на свадба и…
    Приказната од некаде е многу позната…

    2. И покрај сé, британскиот амбасадор Робин О’Нил многу сака да престојува во Македонија. Последниот пат изјави дека тука било многу убаво времето, а тој, сиромашкиот, морал да се врати во Лондон. Што ќе ни е признавање, кога си имаме убаво време? Ако потрае вака, нема да ни треба ни нафта.
    Кога ќе дојде следниот пат, треба да го задржиме повеќе. Нема смисла веднаш да го носиме на аеродром, ако на стариот господин му годи нашата клима. Сигурно особено ќе му се бендиса што нема да може никако да фати телефонска врска со Лондон и ќе заборави на конзервативните Англичани. За да дише со полни гради и да развива телесна култура, ќе му подметнеме да турка некоја стара “пезетка” пред пумпата на АМСМ (ние ќе го гледаме низ прозорецот на нашата голема куќа и ќе навиваме) и пред да тргне за Атина  ќе му го дупнеме резервоарот и ќе му го украдеме бензинот, па ќе мора да ги моли железничарите да го прифатат анексот на колективниот договор, за да му тргне возот.

    3. Всушност, ние и немаме некои значителни проблеми со нафтата. Дури и кога лично генералниот на Макпетрол Гавро Гаврилски би застанал на пумпа, со жолта пластифицирана униформа да им точи бензин на македонските функцио­нери, не би имал многу работа.
    Премиерот Бранко Црвенковски за инает на монополистичкото однесување на “Макпетрол” нема да застане во ред, сé додека “Шел” не отвори сопствени пумпи низ Македонија. Министерката за развој Софија Тодорова, адаптирајќи се на сегашното развојно ниво на нашето стопанство, ќе се вози во запрежна кола и ќе изготвува елаборат за можноста еден ден на работа да пристигне со – пајтон. Вицепремиерот Јован Андонов самиот се снабдува со бензин од Турција, користејќи го источниот коридор. Министерот Антони Пешев со бензин ќе се снабдува на “девизна” пумпа, бидејќи неделава ни ја откри надалеку познатата вистина, дека за македонскиот граѓанин 100 марки месечна рата за стан не е ништо. Јане Миљовски, како остар заговорник на приватизацијата, ќе купува канистри од шверцерите на Бит-пазар. На “културњакот” \унер Исмаил не му треба бензиско полнење. За огнометите на театарските фестивали потребен е барут. “Земјоделецот” Ефтим Анчев со трактор ќе се упати на пумпите за дизел-гориво.
    На Гавро ќе му пристигнат само Фрчковски и Малески. Фрчко ќе се пробие со полициски транспортер. А Малески има приоритет – заверено писменце од Обединетите нации. ЕЗ веќе не му дава.

    4. Сега открив зошто на октомврските бонови за гориво некој се сетил да го отпечати знамето на Македонија. По природата на нештата, бонот за ограничено снабдување претставува срам за секоја држава. Излегува дека македонската гордост е отпечатена врз македонскиот срам. Арно ама, сето тоа имало нераскинлива врска со утрешниот празник 11 Октомври. За празникот на Маке­донија се вее знамето на Македонија. Макар тоа било и на бон.
    Ако знамињата си имаат свои месеци, дали по повод 29 Ноември на ноем­врис­ките бонови за бензин ќе се вее југословенското знаме? Бидејќи Собранието сé уште не го донело Законот за празниците – ништо не може да нé изненади.

    5. Во општиот тренд на легален грабеж на граѓаните се вклучи и службата со пајакот за возила. Ревносната полиција веројатно за да им изгледаат скопските улици поубави, со пајак ги отстранува од коловозите возилата кои ноќеваат и по три-четири ноќи во редиците за бензин пред станиците на “Макпетрол”.
    Тоа ти се вика држава. Ем те тепа, ем не ти дава да плачеш. Ем не те обезбедува со бензин, ем не ти дава да го дочекаш.

    6. Најнов виц:
    Знаете ли како можеме да ѝ се одмаздиме на Европската заедница? Ќе го испратиме Стојан Андов за претседател на некој од европските парламенти. Таман кога ќе дојде време да го ратификуваат договорот од Мастрихт, тој ќе даде пауза.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира