Дури и да требало да се градат, спомениците од проектот „Скопје 2014“ можеле да се направат за 8 милиони евра помалку. За 11 тендери кои италијанските леарници ги добиле во 2010 година, се потрошени 8 милиони евра повеќе од она што реално било понудено од останатите фирми.
Ова е само еден од податоците кои ги утврди ревизијата на проектот направена уште во 2013 година, нарачана од градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски.
Целокупната документација за ревизијата и за трошењето за спомениците, Општина Центар во 2013 година ја достави до Јавното обвинителство. По предавањето на документацијата , градоначалникот Жерновски изјави дека ревизијата, која покажува очигледно незаконско работење, ќе биде тест за македонското судство од кое очекува дека ќе покрене обвиненија.
Судејќи според обемноста на документацијата од ревизијата и исказот на градоначалникот, општинарите велат дека истрагата и евентуалниот судски процес ќе бидат многу долги.
Во сите случаи кога овие две леарници ги добивале тендерите, цените кои ги понудиле елиминираните понудувачи биле пониски и за 153 отсто. За лиење на Гоце Делчев и Даме Груев, „Фернандо Маринели“ добиле 52 милиони денари, а понудата на РЖ „Институт“ била 24 милиони денари. За Никола Карев италијанската леарница добила 43 милиони денари, а РЖ„Институт“ понудил 20 милиони денари. Два од лавовите на мостот Гоце Делчев „Фернандо Маринели“ ги наплатиле 71.9 милиони денари , а РЖ „Институт“ бил елиминиран со понуда од 27 милиони денари.
Исклучително проблематичен, според ревизорите, бил начинот на преговарање со авторите за хонорарите. Ревизијата покажала дека пресметките биле паушални, а за сумата која авторите ја добиле како хонорар нема адекватно образложение.
Ревизорите утврдиле дека е натплатен и споменикот на Никола Карев пред Собранието. За него биле побарани речиси 10 пати повеќе пари од договореното. Основниот договор бил дека споменикот вреди 5 милиони денари, но подоцна со одлука на Градот е донесено ново решение со кое вредноста се зголемува на 45 милиони денари. Образложението е дека споменикот треба да се изработи во мермер, но Никола Карев кој стои пред Собранието, е изработен од бронза.
Општина Центар немала надлежност за изведување на спомениците, мостовите и фонтаните во Вардар. Министерството за култура доставувало иницијативи до Советот на Центар за подигнување споменици и на тој начин ја поттикнувало Општина Центар да работи незаконски, да гради нешто што не е во нејзина надлежност.
Додека траело леењето на спомениците во Италија, покрај авторите, постојано патувале во оваа земја и вработени во Општината, па за авионски карти биле потрошени еден милион евра и уште половина милион евра за хотелско сместување и дневници.
Градоначалникот Жерновски откри дека поранешниот претседател на Советот на Општина Центар, Владимир Здравев во Фиренца на државен трошок бил осум пати, а скулпторката Валентина Стефановска, авторка на повеќето споменици од „Скопје 2014“, 25 пати била во Италија додека траеле леењето.
Шарената револуција, изминативе месеци, одбележа дел од објектите и спомениците од „Скопје 2014“ кои ги чувствува како наметнати на градот.