Британската влада ќе побара од кралицата Елизабета Втора да го суспендира парламентот неколку дена откако пратениците ќе се вратат на работа, односно на неколку недели пред да истече крајниот рок за спроведување на брегзит.
Тоа ќе ѝ овозможи на новата администрација на Борис Џонсон да го одложи традиционалниот говор на кралицата за идните планови на владата, закажан за 14 октомври. Истовремено, пратениците нема да имаат време да изгласаат ниту еден закон со кој Џонсон би се спречил да ја изведе Велика Британија од Европска Унија на 31 октомври без постигнат договор.
„Време е новата влада и новиот премиер да направат план за земјата откако ќе излеземе од Унијата“, изјави извор од владата.
Идејата за затворање на парламентот важи за контроверзна и критичарите велат дека тоа отвора можност за недемократско спроведување на брегзит.
Велика Британија треба да излезе од ЕУ на 31 октомври, со или без договор и Џонсон претходно кажа дека сака да го спроведе по секоја цена.