ФЕСТИВАЛСКА СУДБИНА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:147:"Пратеницитеќедонесатодлукасозакондајаукинат41-ватаседницанаСобранието

    1. Претседателот на Бугарија Жељу Желев ќе треба да им стави сериозна забелешка на своите луѓе од протоколот. Како можеа да си дозволат да не ургираат кај Националниот дворец на културата и Народниот театар “Иван Вазов” во Софија, за да ја поместат премиерата на пиесата “Р” на Јордан Плевнеш – ден порано или подоцна. Освен ако во тоа не вмешала прсти авторската екипа (покрај Плевнеш и режисерот Љубиша Георгиевски со неговиот личен артист Петар Темелковски), кои на овој начин сакаа да го скараат претседателот Глигоров со другите културњаци од Македонија.
    И навистина, којзнае колку бил во дилема претседателот кога добил лична покана од бугарскиот претседател да оди на претстава во Софија, а истата вечер дома има еден куп манифестации на кои треба да се појави. И наместо по преда­вањето за информирањето што го одржа на отворањето на “Деновите на македонското радио” во Кичево да продолжи во Битола на “сериозниот” “Интерфест”, или пак, уште поарно, да си дојде во Скопје на отворањето на “Џез фестивалот”, па потоа на отворањето на сезоната на дискотеката “Хард рок”, тој мораше да патува за Бугарија.
    По ваквиот кикс со организацијата на приредбите (такво темпо не можат да издржат ни новинарските куќи за да ги покриваат настаните со специјални извештаи), организациониот одбор на Фолкфест “Валандово” веќе размислува да упати циркуларно писмо до сите државници во светот на денот кога ќе се одржува финалната вечер да не сметаат на нашиот претседател. Бугарите во четвртокот нé зезнаа. Ни го зедоа тогаш кога ни беше најпотребен. На други не го даваме.

    2. Во секој случај екипата на “Р” од Софија ќе умее на свој начин да му се заблагодари на претседателот за честа што им ја приреди. Тоа за Плевнеш, Георгиевски и Темелковски, кои со случаите “Република” и “Форум за слобода на информирањето” веќе јавно ја манифестираа својата приврзаност кон Глиго­ров, воопшто нема да биде тешко. Би можело, на пример, режисерот Георгиевски да се врати на своите традиции и да режира некоја драма за претсе­дателот. Како во 1977 , кога во Драмскиот театар во Скопје ја режираше “Непо­кор”, посветена на Јосип Броз Тито. Тогаш и неговиот личен артист Петар Темелковски го играше ликот на Тито. Времињата се изменија, па можеби сега добро би му стоел и ликот на Киро Глигоров. Политика си е политика. Ама и професионализмот си е професионализам.

    3. Ете на пример, жителите на неколку села од Скопска Црна Гора се жалат на непрофесионалноста на македонската полиција, затоа што при приведувањето на шестмина младинци од селото Бањани, неодамна на Железничката станица во Скопје, тие биле “малтретирани, навредувани и осакатени”. Момчињата си пееле српски песни. Многу им се допаѓала “Никој ништо не ни може, посилни сме и од судбината”. Вели – наивна песна. Новокомпонирана. Исто како да се распееш на цел глас среде Белград “Бисер балкански!”. Или, среде Атина, најновиот фолк-хит “Името не го менуваме”.
    Момчињата си пееле “посилни сме и од судбината”, а судбината им била да живеат во Македонија. Од многу силење и некои нивни врсници во Хрватска и Босна и Херцеговина посакаа судбината да им биде во Голема Србија. Тоа што им стана неизвесна не е по нивна вина. Си имаат тие таму разни Караџиќи, Бабиќи, Хаџиќи… И нашите си имаат еден професор, Бора Ристиќ. Сé додека нивниот заеднички командант сé уште седи на власт во Белград, и нивната и нашата судбина е неизвесна.
    Приказната продолжува. Сега командантите размислуваат како да ги преселат авионите на голоракиот српски народ од Босна во Србија. Што ти е небески народ. Ем понижен, ем заклан, ем лета.

    4. Ете, неделава во Собранието на Србија е пронајдено уште едно средство за елиминација на непријателите. Еден пратеник тврдел дека членовите на разно­разните комисии на КЕБС и на други меѓународни организации кога шетаат низ Косово “се прегрнуваат и се бакнуваат со шиптарските сецесионисти”, што самото по себе значи дека “во тие комисии има хомосексуалци, криминалци и шпиони”.
    Баш убаво. Ако веќе толку се блиски со Албанците, постои можност да им ја рашират сидата и ете шанса Косово, конечно да стане и етнички чисто српско. Остави што Милошевиќ така може да го елиминира и Паниќ. Тој како многу да не размислуваше кога неодамна го прегрна Ругова.
    Е, до каде стигна тој Милошевиќ. Јовиќ и Шешељ можеби нема да успеат да го спасат. Последна шанса му се – педерите.

    5. Неодамна беше објавено дека Министерството за односи со странство ќе се сели во зградата на ЦеКа. Му ја доделиле кулата каде што беше сместен Социјалистичкиот сојуз. Арно ама, со селењето нешто запна. Изгледа дека Киро Поповски не сака да го напушти кабинетот. Ќе мора да го направат министер за надворешни работи.

    6. Веќе ми здодеа да слушам за 41. седница на Собранието на Македонија. Четириесет и прва, па четириесет и прва. Сé нешто ме асоцира на онаа 41-ва, пред војната.
    Затоа најдобро пратениците да донесат одлука да ја укинат 41-вата – не постои.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира