СО БЛУЗ ФЕСТИВАЛ ЌЕ ДОНИРАМЕ ЗА ДЕТСКА ОНКОЛОГИЈА, ВЕЛИ ПЕДИЈАТАРОТ ГОГО ПАСКАЛОВ

    СО БЛУЗ ФЕСТИВАЛ ЌЕ ДОНИРАМЕ ЗА ДЕТСКА ОНКОЛОГИЈА, ВЕЛИ ПЕДИЈАТАРОТ ГОГО ПАСКАЛОВМузиката му помага работата целосно да не го апсорбира. - Паскалов со тимот од својата ординација - (Фото: од приватната архива)

    Новата генерација скопски блузери официјално направи здружение и следната година планира да организира фестивал што ќе има и хуманитарен карактер. Во „Блуз фамилија“ членуваат музичари активни во ноќниот живот на градот, но и такви на кои оваа музика едноставно им е во крвта.

    Во оваа втора група спаѓа и Гого Паскалов, еден од омилените скопски педијатри, кој не се срами за себе да каже дека е „најлошиот блуз музичар во Македонија“, но во овие идеја и здружение ги вложи целите свои ентузијазам и ќеф.

    Фестивалот би имал хуманитарен карактер.

    „Јас како педијатар предложив собраните пари да ги донираме на Детска онкологија. Како здружение, не сакаме да имаме никаква финансиска корист од ова“, вели Паскалов.

    Паскалов на еден од ретките јавни настапи со бендот „Ин д муд“

    „Ова е вистинско здружение, регистрирано, со правна основа. ‘Блуз фамилија’ го основавме седуммина, сите блуз ентузијасти. Ова е заедничка идеја, а бидејќи јас најслабо свирам од сите, трчав по институции за барем некако да придонесам. Малку сме, другари сме и идејата е да направиме еден собир на сите блузери во Скопје и Македонија“, вели Паскалов.

    Cotton Blues Festival би се одржал на крајот на мај во Скопје и би бил акустичен.

    „Тоа би бил прв таков фестивал во регионот. Планираме фестивалот да биде мал, мирен, во интимен амбиент, по две групи од вечер, плус сешн свирки. Во преговори сме со две американски групи. Ама не се само тие две вечери на крајот на мај. Претходно се планирани четири сесии и преку нив да се промовираат македонски блуз бендови. Првата веќе се одржа во кафулето ‘Излет‘, кога настапи ‘Ин д муд‘, чии членови Сашо и Никола се и главни инспиратори на оваа идеја“.

    Целта на „Блуз фамилија“ е да се направи собир на сите блузери во Скопје и Македонија

    Ретко се среќава човек кој со толкава љубов зборува и за својата работа и за своето хоби, но Паскалов имал на кого да се угледа.

    „Блузот ми е наследен од татко ми, кој е исто така и лекар. Тој е стар блузер. Има голема колекција на музика, а свирел и клавијатури во групата ‘Најн‘. Сѐ уште многу добро свири, не е како мене. Да не е музиката, медицината тотално ќе ме апсорбира и тоа би било многу стресно. И педијатријата и блузот ги обожавам. Да не е педијатрија, не би се ни занимавал со медицина“, признава Паскалов, додавајќи дека е подобро да остане на другата страна од свирките.

    „Јас сум најлошиот блуз музичар во Македонија. Јавно немам свирено. Имам цела опрема, ама кој да ја фати во рака и сакам да се вадам на тоа дека немам време“.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира