Да запре насилството врз лекарите и вработените во здравството и да се најде системско решение за овој повеќегодишен проблем, побараа од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари, кои денес организираа мирен протест во Клиничкиот центар.
Протестот го поддржаа и Лекарска комора и Синдикатот на вработените во клиничките центри, а присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче.
Ненад Лазаров од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари рече дека се оградува од какво било политичко влијание и дека добиле поддршка и од нивните колеги од градската општа болница „8 Септември“, и болницата за хируршки болести „Св. Наум Охридски“. Тој рече дека протестот го организираат по зачестените напади врз лекари и медицински сестри и рече дека ова е резултат на долгогодишна негрижа и тенденциозни напади врз лекарите.
„Недозволиво е да се толерира насилство врз оние кои пружаат помош. Нашите основни барања се итно да се донесе Законот за докторска дејност, сите еснафски здруженија да се вклучат при изготвување на законските решенија и здравствените политики, нападот врз севкупниот медицински кадар да се смета како напад на полицаец, без да има членови за ослободување, бидејќи досега сме сведоци само на изрекување парични казни. Да има полициско обезбедување во ургентните центри и поголемите болници. Исто така да има и внатрешна контрола за нас вработените, бидејќи прифаќаме дека има проблем и кај нас во нашите редови“, рече Лазаров.
Министерот рече дека осудува секаков вид на насилство и дека проблемот е комплексен, а обезбедувањето на јавните здравствени установи е само еден сегмент од тоа решение. Тој кажа дека на состанокот во Министерство за внатрешни работи договориле да има засилена полициска патрола во болницата „Св. Наум Охридски“, а дека за останатите кои немаат соодветно обезбедување ќе има професионално обезбедување.
„Овде сум да дадам поддршка на процесот за враќање на довербата меѓу лекарите и пациентите и тоа е долг процес, кој вклучува подобрување на статусот на сите здравствени работници, преку зголемување на примањата и подобрување на условите за работа. Ќе почнеме кампања во која јавно и јасно ќе укажеме дека од тој што се бара здравствена услуга мора да се почитува. И самиот како лекар сум бил во вакви ситуации, особено во ургентните центри и за време на приемите кога доаѓаат пациенти и нивните семејства се нервозни, бидејќи се работи за здравјето на некој од нивното семејство, а следниот ден се извинуваат. Треба да имаме разбирање и за такви ситуации“, рече Филипче.
Тој рече дека еден од проблемите на скопските клиники да се организира соодветно обезбедување е и тоа што не се во една зграда, како што е случајот со „8 Септември“.
„Ќе повторам, обезбедувањето е само еден сегмент, многу е важно да се врати довербата“, рече Филипче.
Калина Гривчева-Старделова, претседател на Лекарската комора рече дека мора сите заедно да поработат на враќање на довербата меѓу пациентите и лекарите и дека дури и во земји кои имаат многу добро организиран здравствен систем има напади на лекари.
„Ниту една или друга страна не е само виновна. Мора заедно да поработиме да го вратиме односот на почитување. Овде сум бидејќи ниту една нервоза не може да биде оправдување за насилство“, рече Гривчева-Старделова.
Е. БОЧВАРОСКА