СВЕТОЛ МРАК

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:98:"СекојденнееВелигден,амазоштоданенибидеБожик?

    1. Досега, еве веќе повеќе од две години, не сум имал проблеми со “Сакам да кажам”. Стариот главен уредник, што ненадејно беше разрешен еден ден пред Новата година, навистина секој петок внимателно се навраќаше на секое зборче што треба да излезе од печат, ама ниту еднаш не направил чкртка со пенкалото. Иако, знам, имаше работи со кои не се согласуваше и не му се допаѓаа. Ама, ми се чини веруваше во мојот инает. И во лудоста на неколкумина млади во редакцијата. Кој му е виновен? Затоа сега ќе биде обичен новинар на стари години.
    Откако го разрешија, долго размислував дали во знак на протест да преста­нам со мојата сакана рубрика. Не за да покажам лојалност кон човекот. Уште помалку да им правам непријатности на новите шефови. Едноставно, тоа беше един­стве­ниот начин да го манифестирам своето чувство на ништожност, својата огорче­ност кон сите приказни за демократизација на државата, својата лутина кон државните раководители кои по светот се фалат дека имаат независно инфор­мирање, да го споделам очајот со колегите од сите медиуми, купени со сто марки плата, која не стига за преживување дури и да се троши само кај шверцерите на Зеленото пазарче, да ја изразам разочараноста од сите можни независни син­дикати, форуми за слобода на информирањето, здруженија на новинари…
    Сите сме за никаде. И кога нé тапкаат по рамо и ни велат: “Алал да ти е, тоа добро го напиша!”, не вреди да се радуваме. Во суштина нашиот збор е безгласен и никому ништо не му значи.
    Ми рекоа дека војската не се повлекува лесно од било која освоена кота. Па, ако излезе и овој – број 1 од “Сакам да кажам”, можеби сé уште има надеж. Јас, искрено, повеќе не се надевам.

    2. Впрочем, и онака нема попријатно чувство од она што се раѓа во мрачна, незагреана соба, крај мало пламенче на догорена свеќа, како призрак на малку надеж и силна симболика на светлата иднина што ни се насмевнува. Кога ќе помине времето за рестрикции во твојот реон.
    Што има врска што имаме комплетен распад на енергетскиот систем, што не ни работат телефоните, што ни се прекинати сите патни комуникации. Државата си функционира. Ете, Парламентот е премногу загрижен каква марка ќе лепиме на писмата. Сериозна е работата. Не е сеедно што ќе лижеш одзади. Во правна држава и лижењето се покрива со закон.
    А што се однесува до светлата иднина, патот до неа лично ни го покажа премиерот Црвенковски. Ќе си палиме огнови крај Вардар. Секој ден не е Велигден, ама зошто да не ни биде Божик. Па секоја вечер социјалдемократите на Бранко ќе палат коледарски огнови. Ќе пеат коледарски песни, да ни го подигнат моралот. Покрај огнот ќе собираме топлина да си ја загрееме душата, пред да се упатиме по студените домови. И во студена постела пред заспивање ќе размислуваме: колкумина заради нив останале некрстени, а сега тие ни продаваат верски обичаи?

    3. Завчера, на Божик, една побожна женичка гласно се жалеше: “Е, што ни беше убаво порано. Ќе си одиш в црква, убаво, на раат, што се вели. А сега, од ова комунистиве не можеш до вратата да се добереш!”

    4. Како дополнителна гаранција до Обединетите нации дека немаме тери­торијални претензии кон Грција, најдобро е на Бутрос Гали да му го испратиме оној пејач облечен како касапин, што добил втора награда на фестивалот во Канбера, па пред јарболите на Ист Ривер во Њујорк громко да им запее на сите душмани, почнувајќи од Мицотакис, преку Милошевиќ до Митеран, дека Македонија постоела и ќе постои и дека со елитната армија ќе го ослободиме Пиринот и Беломорието.
    Претседателот Глигоров на Венс и Овен во Женева сигурно им рекол: “Кој пее, зло не мисли!” А строгите македонски песни околу Новата година и Божик што секоја минута се вртеа на програмата на Македонската телевизија, само беа во функција на подготовка на славјето за приемот во Обединетите нации. Среќен и патриотски набиен до даска, легнував и станував со мислата дека, ете, и Родос е наш. Само да стигнат парите од Џон Битов, што му ги вети на генералот Арсовски, веднаш ќе се пријавам како доброволец за елитните морнарички сили.
    Впрочем, “ако сме рокери, панкери, рапери, сите сме Македонци” – како што вели една пригодна детска песна.

    5. Државата конечно најде начин како да го реши проблемот со прекубројните пензионери. Бидејќи им даде рок зелените здравствени картони да си ги подигнат најдоцна до 20 јануари, може да се замисли глетката од редици стари луѓе кои чекаат по мраз и на минус 20 и кусур степени пред пунктовите за распределба. Кој од нив ќе успее да скрши барем една рака или нога, може да се надева дека и вгодина ќе ги дочека своите зелени картончиња за здравје.
    Којзнае дали надлежните се запознати со податокот дека во светот функцио­нира институцијата “пошта”?

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира