Белгиски борбен авион Ф-16 се урна во северозападна Франција, при што еден од пилотите остана да виси на каблите од далновод.
Двајцата пилоти се здобиле со полесни повреди откако се исфрлиле од авионот во близина на градот Плувиње во Бретања. Авионот го закачил покривот на најмалку една куќа пред да се урне во околното поле. Пилотот бил симнат од каблите по двочасовна спасувачка операција на француските итни служби. Според локалните медиуми, каблите биле со напон од 250.000 волти.
Командирот на белгиските воздушни сили Фредерик Вансена изјави дека авионот летал на височина од 500 метри, движејќи се кон француска воена база во Лоријан.
„На спасувачките екипи им требаше време да го симнат пилотот. Тие мораа да го исклучат напонот, но јас цело време бев на телефонска линија со пилотот и тој ми кажа дека се чувствува добро“, изјави Вансена.
Авионот направен во 1983 година не носел оружје за време на летот и бил во добра состојба при полетувањето. За време на летот, пилотот пријавил проблеми со моторот.