ЕУ ОБЕЗБЕДИ 4,5 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН МАРКОВА НОГА, НО НЕ СЕ ЗНАЕ КОГА ЌЕ СЕ ОТВОРИ

    ЕУ ОБЕЗБЕДИ 4,5 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН МАРКОВА НОГА, НО НЕ СЕ ЗНАЕ КОГА ЌЕ СЕ ОТВОРИГраничниот премин Маркова Нога-Герман 52 години беше затворен (Фото: СДК.МК)

    Во изградба е граничниот премин кај Маркова Нога во Преспа. Обезбедени се 4,5 милиони евра за неговото отворање, со цел да се подобрат комуникацијата и економијата помеѓу пограничните региони на нашата земја и Грција, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски на денешната прослава на Европскиот ден на соработка во Битола.

    „ЕУ ќе го обезбеди и остатокот од средствата, точниот износ сѐ уште не се знае, може ќе биде и повеќе од 10 милиони евра, кои ќе се инвестираат исклучиво во Преспанскиот Регион. Кога конкретно ќе се имплементира, немам точна информација“, рече министерот Милевски.

    Френк Јанмат, раководител на Секторот за прекугранична соработка во ЕУ, исто така не можеше да прецизира кога ќе се подигне рампата на преминот Маркова Нога-Герман, која е спуштена 52 години.

    „Најважно е дека двете страни се согласија да го реконструираат по долго време. Тоа ќе има голема придобивка за туризмот и економијата. Важно е што двете страни сега работат заедно за да ги обезбедат техничките услови, дизајнот и прогресот“, рече Јанмат.

    Градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски изјави дека тој и неговиот колега од грчката страна инсистираат да се забрзаат сите подготвителни работи и да се отвори преминот.

    Европската Унија до 2020 година обезбеди 45,5 милиони евра за финансирање проекти за соработка на општините од двете страни на границата, НВО секторот и граѓаните. Општина Битола од ЕУ фондовите за прекугранична соработка има добиено проекти за поголема енергетска ефикасност на спортската сала, опрема за кино Манаки и возила на електричен погон.

    На прославата присуствуваше и новиот грчки конзул во Битола, Ахилес Ракинас, на кого ова му беше прв работен ден.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира