Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи и тетовската градоначалничка Теута Арифи, во придружба на амбасадори и претставници од амбасадите во Македонија, денеска уште еднаш ја промовираа идејата Шар Планина конечно да се прогласи за национален парк на природата. Тие, со планинарски марш долг неколку километри од месноста Сидол, во близина на Попова Шапка, пеш се упатија низ најживописните предели на Шар Планина се до селото Шипковица. На овој начин уште еднаш ја промовираа идејата за прогласување на Шар Планина за национален парк и се приклучија кон кампањата на Секретаријатот за европски прашања за промоција на европските вредности.
„Тука сме, заедно со Општина Тетово и амбасадорите, кои ни се придружија во оваа акција да ја промовираме потребата од прогласување на Шар Планина во национален парк. Можевме да слушнеме дека работите околу ова привршуваат и може да очекуваме во наредните месеци тоа и да се реализира и мило ми е што целата таа динамика кореспондира со процесот за започнување на преговори за влез во ЕУ. Со ова даваме две пораки, политички созреавме да станеме дел од Унијата, меѓутоа и во делот на практичните прашања на европското живеење, како што е животната средина, ние веќе сме подготвени да живееме европски. Северна Македонија до сега има 9 проценти од нејзината територија под национални паркови а со прогласување на Шар Планина за национален парк тој процент би изнесувал 12 со што веќе се доближуваме до европските стандарди на заштитени подрачја“ изјави Бујар Османи.
Идејата за прогласување на Шар Планина за национален парк е стара веќе од 20 години. Сите досегашни градоначалници на Општина Тетово велеа дека се залагаат оваа ретка убавина да се прогласи за национален парк, но таа идеја никако не добиваше конечна реализација. И сегашната градоначалничка на Општина Тетово Теута Арифи го повторува овој став, но без конкретен одговор како и кога ќе се справи со големиот број дивоградби од кои се голем дел изградени токму на просторот на кој треба да биде националниот парк.
„За изминатите година и половина ние имаме срушено 22 објекти од кои најголемиот дел од нив биле изградени на јавните површини. Ова е процес кој е поврзан и со законот за легализација кој овозможува легализација на дел од градбите. Ние остануваме ангажирани за да ги решиме овие проблеми а овие иницијативи ни даваат поддршка тој процес да тече побрзо“ изјави градоначалничката Арифи.
Шар Планина, според своите природни убавини и според разновидниот и уникатниот животински свет е вистинска ризница на природата. На неа има 37 глацијални езера од кои 25 се на македонската страна а останатите на страната од Косово. Посебно е важен импресивниот биодиверзитет каде има 200 ендемични видови растенија, 167 видови пеперутки, 12 од вкупно 15 видови водоземци, 18 видови влекачи, 130 видови птици и 45 видови цицачи што е речиси половина од вкупниот број видови цицачи кои ги има на територијата на Македонија.
З. АНДОНОВ