1. “Ова не е филм, ова е повеќе од живот”, изјави претседателот на Комисијата за ограничување на животот при Министерството за стопанство, образложувајќи ги мерките што мораше да бидат преземени поради неконтролираниот нагон за самоодржување на граѓаните на Македонија. Ова високо тело доаѓа како логична надградба на државниот систем, кој во летото ни ја промовираше Комисијата за ограничување на потрошувачката на нафта и нафтени деривати, а зимава Комисијата за ограничување на потрошувачката на електрична енергија.
Среќа што го имаме Јован Андонов. Човекот кој летоска доби инспирација и го откри источниот коридор за снабдување со нафта, сега навреме откри дека Владата не знаела што ѝ правеле функционерите од Министерството за стопанство, кои смислија небулозни десетчасовни редукции во главниот град на државата. И тоа човекот е во оставка и на одмор. Замислете да беше редовен потпретседател на Владата. Пали и гаси. Немилосрдно!
2. Нема белким сега да чекаме од Андонов и да ни ја растера маглата над Скопје. Кога веќе надлежните не можат да откријат кои се главните загадувачи. И кога не можат да ги казнат, затоа што ја користат оваа ситуација, па испуштаат секакви гасови. Покрај сите благодети што ќе нé снајдат во иднина, по вакви загадувања можеме да очекуваме по улиците да ни се шетаат фалични деца?
На кое ниво е еколошката свест на граѓаните најдобро покажаа скопјани, кога за нивно здравје им беше забрането да ги возат приватните автомобили. Улиците беа полни како да не станува збор за никаква забрана. Ќе умрам, ама пешки не одам!
3. На многу интересен начин за Македонија муабетеле двајцата кандидати за претседател на Црна Гора Момир Булатовиќ и Бранко Костиќ. Во предизборниот дуел (Булатовиќ повторно е избран за претседател) Костиќ, како проверен вљубеник во Србија, го обвинил Булатовиќ дека Црна Гора вршела реекспорт на шеќер во Македонија и затоа го нарушила снабдувањето во Србија. Булатовиќ пред ТВ-камерите се бранел дека за шеќерот биле договорени лекови од “Алкалоид”, на што Костиќ извадил документ со кој се докажува дека Црна Гора за шеќерот добила – нафта. На тоа Булатовиќ кусо прокоментирал: “По објавувањето на тој документ веројатно веќе и нема да имаме нафта”.
Во тоа време Комисијата за ограничување на потрошувачката на нафта и нафтени деривати ги дизајнираше боновите за бензин, возачите паѓаа во несвест пред пумпите на “Макпетрол”, Рафинеријата не работеше, властите се фалеа дека нам во суштина ни одговара Грција да ја блокира купената нафта, за да можеме ние да ја кодошиме низ светот, и сите заедно се воодушевувавме на изумот наречен “источен коридор”.
4. Дали Македонија сé уште ја признава Босна и Херцеговина како држава и дали го признава Алија Изетбеговиќ како претседател на Претседателството на таа држава? Ако е тоа така, зошто тогаш државната телевизија, користејќи го Танјуг, секоја вечер ни го претставува господинот Изетбеговиќ како “лидер на босанските муслимани”?
Кога на тоа ќе се надоврзат ѕвездите на третиот канал: Весна Змијанац, Снежана Бабиќ-Снеки и Ана Бекута (веројатно како одговор на двојникот на д-р Радован Караџиќ во Македонија, лидерот на ДПС д-р Бора Ристиќ, кој бара програма на српски јазик колку што има на албански и турски) – тогаш доживувањето е комплетно.
Би можел евентуално да се појави некој српски Маркес од Кучевиште и да напише роман со наслов: “Неверојатна и тажна историја на невините Срби и нивната бездушна власт”.
5. Претседателот на СР Југославија Добрица Ќосиќ се врати разочаран од Женева затоа што “морал пред целиот свет да не се согласи со своите браќа од БиХ”. Арно ама, “таа несогласност не е во целите, или во неразбирањето и неодобрувањето на целите на нивната ослободителна борба. Таа несогласност е во тактиката на остварувањето на демократските цели и човечки права на почвата на Босна и Херцеговина”.
Просто кажано, ние остануваме на идејата да си ја создадеме Голема Србија, ама сега малку ќе го зафркаваме светот, ќе се правиме миротворци, за да не нé нападнат Американците.
А целта ги оправдува средствата. Хрватска е расцепкана. Босна веќе ја нема. Сега ќе го смислиме Кучевиште и Бора Ристиќ. Ослободителната војна започнува.
6. Божиќен виц:
Дедо Гаврил му го честита Божик на претседателот Глигоров: “Христос се роди, господине претседателе!” Глигоров му возвратил: “Разбира се”.