Краткиот игран филм „Налепница“, по сценарио и режија на Георги М. Унковски премиерно се прикажа во средата во полната сала на киното Фросина. Филмот е во продукција на „Синема футура“, и е црна комедија во која главниот лик по неуспешниот обид да ја обнови својата сообраќајна дозвола, тргнува на пат и запаѓа во серија бирократски проблеми.
Од продукцијата велат дека филмот се снимал шест дена повеќе локации низ Скопје. Главната улога ја игра Сашко Коцев, кој ја играше главната улога и во дебито на Унковски, краткометражниот „Пепи и Муто“. Во екипата се и: Мони Дамевски, Џевдет Јашари, Љупчо Тодоровски-Упа, Соња Стамболџиоскa, Димитрија Доксевски, Калина Димитриовска, Анастасија Аневска и Матеј Настевски.
Кинематографер е Наум Доксевски, сценографијата е на Кирил Спасевски, костимите на Роза Трајческа, додека на маската и шминката на главниот лик работеле Снежана Ангеловска и Ирена Сенокозолиоска. Монтажата е на Мартин Иванов, а дизајнот на звук е на Сашко Потер Мицевски.
Георги М. Унковски е роден 1988, во Њујорк. Студирал фотографија на Институтот за технологоија во Рочестер, САД, а магистрирал режија на Универзитетот ФАМУ во Прага, Чешка.